Лидерот на ВМРО ДПМНЕ изрази мислење дека криминалците во Македонија не се плашеле од одговорност затоа што Владата продуцирала неодговорност, а од друга страна тврдела дека следи европски практики
Доколку законот за амнестија се стави во собраниска процедура со европско знаменце, ВМРО ДПМНЕ ќе го напушти Собранието.
Ова е пораката од лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, која ја пренесе во своето обраќање на Конференцијата на Унијата на ветерани во Струмица. Според Мицкоски, власта покажувала знаци на очај пред изборна кампања.
„Оној срамен Закон за амнестија на криминалци кој сега го поднесоа е само показател за очајот во кој се наоѓаат. Прво си донесоа по скратена процедура, злоупотребувајќи го европското знаменце, Закон за измена на членовите на КЗ со кој сакаат да мислат дека се заштитени по падот од власта, а сега пред изборите прават сценарио за слобода на голем дел криминалци. Мислат дека тие ќе им помогнат во изборната кампања. Ковачевски, морам да признам, плаќа висока цена за својата коалиција, и силно го деградира нашето општество“,
рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој во својот говор изрази мислење дека криминалците во Македонија не се плашеле од одговорност затоа што Владата продуцирала неодговорност, а од друга страна тврдела дека следи европски практики.
„Ќе ве потсетам, ако се сеќавате, велеа ‘Нема правда нема мир’, ветуваа дека ќе се дознаела вистината за убиството за Смилковското Езеро, организираа протести, заведуваа народ, ги лажеа родителите на настраданите, за да сега истите тие се борат за нивната слобода. Да излезат тие и стотици други кои правеле разбојништва, кражби, перење на пари и слично. Ова се последните очајни крици на власта. Овој закон за слобода на криминалци меѓу кои и оние од ‘Монструм’, за кој нема европско знаменце, што значи нема скратена процедура, ќе мора да се дискутира во Парламентот по стандардна процедура. ВМРО-ДПМНЕ отворено кажува дека ќе го блокира“,
рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО ДПМНЕ тврди дека ако се „злоупотреби скратена процедура и европско знаменце на овој закон“, ќе побарал од Извршниот комитет и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ поддршка за одлуката пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да ја напуштат работата на Парламентот.
„Нема да дозволиме тие да ја убиваат правдата и да не го слушаат народот. Во тој случај само нивен ќе биде срамот и одговорноста. Ова е порака и до Меѓународната заедница поактивно да се позанимава со тоа што работи оваа влада. Затоа што оваа држава не постои само за едно прашање – уставните измени, додека милион други теми важни за народот поминуваат без никаков притисок и коментар од нивна страна. Тоа мора да се смени. Мора да се одбранат принципите на право, правда и правна држава, зошто ако тоа не се случи, тогаш можам да констатирам дека ние држава немаме“,
рече Христијан Мицкоски во говорот на втората Конференција на Унијата на ветерани.