Распоредувањето на српските војници вдолж границата со Косово доаѓа по нападот врз косовската полиција на 24 септември во селото Бањска. Косово ја обвини Србија за овој напад која, пак, негира каква било поврзаност
Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД) изразија загриженост поради засиленото присуство на српската армија во близина на косовската граница, што следува по нападот на косовската полиција во селото Бањска минатиот викенд.
„Распоредувањето на армијата вдолж административната гранична линија со Косово е многу загрижувачко и мора веднаш да се запре. На европскиот континент нема место за зајакнување на вооруженоста и безбедносните сили. Силите треба да се повлечат“,
изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
Во врска со актуелната ситуација на северот на Косово, Борел потврди дека е во редовен контакт со партнерите и сојузниците, меѓу кои и САД, кои пред сè бараат деескалација и стабилизација на безбедносната ситуација.
За распоредувањето на српски војници вдолж границата со Косово реагираа и САД.
Според Соединетите Американски Држави, зголеменото присуство на српските воени трупи до косовската граница е многу дестабилизирачки развој на и онака тензичната состојба на северот на Косово.
„Ја повикуваме Србија да ги повлече своите сили од границата за да се намалат тензиите“,
изјави координаторот за стратегиски комуникации во Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби.
Прашан дали зголеменото присуство на воените трупи е сигнал оти Србија можеби се подготвува за воена инвазија, Кирби рече дека САД ја следат состојбата и дека засега не можат да кажат која е целта на ваквиот потег.
Висок американски функционер беше прашан и дали САД знаат дали Србија и Русија се вмешани во нападот на Бањска, како и за можноста за воведување санкции кон Белград.
„Истрагата е во тек. Сакаме да го испочитуваме тој процес и сакаме Србија да учествува во истрагата. Обемот на овој напад, бројот на вклучени автомобили, видовите муниција и оружје секако алудираат на високо ниво на софистицираност на ресурсите и обука. Не изгледа дека неколку мажи се собрале и решиле да го изведат изведат овој напад ад хок. Тоа е вознемирувачко“,
рече Кирби.
Нападот што се случи на 24 септември американскиот функционер го опиша како добро координиран и планиран.
„Напаѓачите користеа околу 20 возила за транспорт на оружје, што е алармантно во однос на количината и софистицираноста. Најголем дел од оружјето беше од воен тип, вклучително и противтенковски проектили, експлозиви и тактичка опрема“,
додава американскиот функционер.
Распоредувањето на српските војници вдолж границата со Косово доаѓа по нападот врз косовската полиција на 24 септември во Бањска. Косово ја обвини Србија за овој напад која, пак, негира каква било поврзаност.
Косовските власти за нападот го обвинија потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, велејќи дека тој директно го организирал и учествувал во нападот. Вчера, пак, Радоичиќ, кој изјави дека се повлекува од Српска листа, најголемата српска партија на Косово која ја ужива поддршката од Белград, преку својот адвокат призна дека го организирал и учествувал во нападот во Бањска.