Премиерот Оливер Спасовски вели дека сите институции во државата сносат одговорност во борбата против коронавирусот. Тој ги повика и верските заедници во Македонија да ја преземат одговорноста за заштита на здравјето и животот на граѓаните.
„Сите мерки што ги донесовме беа во насока на заштита на здравјето и животот на граѓаните. Во тој дух треба да се однесуваат сите организации и граѓаните. Оваа битка ќе ја добијат само сложно сите институции. И верските институции имаат одговорност за справување со вирусот и таа одговорност треба да ја преземат“,
рече Спасовски на информативната инфо-сесија за ковид-19.
Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека секој без разлика на верската или националната припадност мора да ги почитува мерките на институциите.
„Ова нема да заврши сега, ќе трае до крајот на оваа година и сигурно и следната. Секој во рамките на ситуацијата мора да даде свој придонес. Мора да сме сите сложни и солидарни, оваа криза ќе остави последиц“,
вели Филипче.
Вицепремиот за европски прашања Бујар Османи вели дека во оваа насока беше и постапката на Исламската верска заедница која одлучи да ги затвори џамиите и да ги прекине верските обреди.
„Деновиве планираме да разговараме за Рамазан за да видиме кои се можните ризици и ќе излеземе со пакет одлуки кои се однесуваат на Рамазан“,
рече Османи.
Според министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, рече дека на дискусиите кои ги имале пред 10-ина дена заклучиле дека најдобро ќе биде верските заедници да донесат одлуки кои ќе ги земат предвид новите околности.
„МПЦ уште пред една недела јасно стави до знаење дека ги повика верниците дома да го слават празникот. За жал, еден дел од црквите не го применуваа тоа правило. Пораката до верските заедници е да го заштитиме животот“,
вели Шекеринска.
Денеска претпладне поглаварот на МПЦ – ОА, г. Стефан, ги повика верниците за велигденските празници, молитвите да ги испрат од своите домови, а не од верските објекти.