Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на самитот на Обединетите нации во Њујорк изјави дека војната ќе се решава на бојното поле бидејќи Украина не дала реалистични решенија за прекин на руската воена инвазија
Лавров говореше по еднонеделната интензивна недела на годишниот собир на светските челници во седиштето на ООН во Њујорк, каде што западните сојузници уште еднаш цврсто ја покажаа својата поддршка за Украина во војната со Русија.
Рускиот министер за надворешни работи кажа дека мировниот план од 10 точки на официјален Киев е потполно неизводлив и нереален, и вели дека иако сите го знаат тоа, константно се вели дека овој план е единствената основа за преговори помеѓу Украина и Русија. Затоа, вели Лавров, војната ќе биде решена на бојното поле. Инаку, министерот кажа и дека Русија се повлекла од договорот за жито бидејќи ветувањата кои ѝ биле дадени на Русија не биле остварени, односно ниту санкциите кон руските банки не биле тргнати ниту, пак, можноста повторно тие да се поврзат со глобалниот систем SWIFT.
Инаку, американскиот претседател Џо Бајден вчера го информирал украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Вашингтон ќе му достави на Киев ракети АТАЦМС со долг дострел, објави Ен-би-си њуз, цитирајќи тројца американски претставници и член на Конгресот.
Киев долго време бара од администрацијата на Бајден воени тактички ракетни системи (АТАЦМС) за да ги напаѓаат и нарушуваат линиите за снабдување, воздушните бази и железничката мрежа на територијата окупирана од Русија.
Зеленски пред два дена го посети Вашингтон за да разговара со Бајден. По тој повод, САД најавија нов пакет воена помош за Киев во износ од 325 милиони долари. Но, советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, на прес-конференција во четвртокот рече дека САД ќе ѝ испорачаат на Украина „важни“ системи за воздушна одбрана, но „засега“ не и ракети со долг дострел АТАЦМС, што ги бара Киев.
Пентагон не одговори веднаш на барањето за коментар. Ројтерс претходно објави дека администрацијата на Бајден размислува за испраќање на АТАЦМС, кој има домет од 306 километри, во Украина. Системите АТАЦМС се дизајнирани за напади доста далеку од линијата на фронтот.