Во изјава за ТВ 24, портпаролката на ЕК, Ана Писинеро, изрази жалење поради недостатокот на консултации со Европската комисија пред усвојувањето на измените во Кривичниот законик, како и за употребата на европското знаменце во парламентарната процедура
Европската комисија (ЕК) изрази загриженост поради усвојувањето на измените во Кривичниот законик, кои, меѓу останатото, предвидуваат намалување на казните за злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружување, a кои, како што забележуваат оттаму, ќе влијаат на голем број случаи на корупција на високо ниво.
Во изјава за ТВ 24, портпаролката на ЕК, Ана Писинеро, изрази жалење поради недостатокот на консултации со Европската комисија пред усвојувањето на измените во Кривичниот законик, како и за употребата на европското знаменце во парламентарната процедура.
„Жалиме поради недостатокот на сеопфатни консултации со домашните чинители и со ЕК пред нивното усвојување, како и за употребата на процедурата за знаменце на ЕУ, која треба да биде конзистентна и јасно поврзана со законите кои првенствено имаат за цел усогласување на националното право со ЕУ“,
велат од ЕК.
Оттаму потсетуваат оти Северна Македонија се обрзала да го промовира владеењето на правото и борбата против неказнивоста и затоа, како што додава портпаролката на Европската комисија, санкциите за корупциски активности мора да бидат ефективни, пропорционални и разубедувачки.
„Зајакнувањето на довербата во правосудниот систем и несмаленото справување со корупцијата, вклучително и преку солидна истрага, како и гонењето и конечното осудување на случаите на корупција на високо ниво е од клучно значење“,
заклучуваат од ЕК.
Во изјавата за ТВ 24, од Европската комисија додаваат оти ќе продолжат да го следат развојот на владеењето на правото во земјава со голема внимателност вклучително и во контекст на пристапните преговори.
Ова е прва реакција од Брисел во однос на усвојувањето на измените во Кривичниот законик, а наскоро, како што денеска најави евроамбасадорот Дејвид Гир, се очекува ЕУ да излезе со официјален став по однос на ова прашање.
Измените на Кривичниот законик, кои Владата „тајно“ ги утврди и Собранието експресно ги донесе по скратена постапка (со европско знаменце), а претседателот Стево Пендаровски ги потпиша, се објавени во „Службен весник“ со датум 7 септември 2023.
Измените се однесуваат на 38 члена од Кривичниот законик, за кои власта рече дека 35 се за усогласување со директивите на ЕУ. Она што предизвика бура негативни реакции во јавноста е што измените опфатија промена на членовите кои се однесуваа на злоупотреба на службената положба и овластувања (член 353) и злосторничкото здружување (член 394). Со изгласувањето, пратениците ги намалија пропишаните казни за двете кривични дела, воведоа горна граница на максималната казна, а и укинаа еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања. Со тоа предвидоа и порано застарување на делата.