Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, вели дека ВМРО-ДПМНЕ без ниту една забелешка за содржината на уставните измени, се обидува да ја блокира европската иднина на земјата, со што ја продолжува анти-НАТО и анти-ЕУ политиката на неговиот претходник и ментор, Никола Груевски
Кузеска вели дека Мицкоски бил против членството на С Македонија во НАТО, а сега цело време работи против членството на земјата во Европската Унија, со што се заканува земјата да биде изолирана како во периодот на претходникот на Мицкоски, Никола Груевски, во чие време 11 години земјата беше далеку од НАТО и од ЕУ само за да можат да го крадат народот.
„ДПМНЕ и Мицкоски дејствувааат против подобар живот за граѓаните, против нови и поголеми европски фондови, против забрзан напредок и европски стандарди. Мицкоски сака земјава повторно да ја држи во 11 годишна изолација. Прво беше асимилација и бугаризација, откако тие лаги пукнаа како меур од сапуница, се измисли нова лага, бугарски диктат”,
вели Кузеска.
Кузеска вели дека можност за репреговарање на нов договор нема, а веќе постоечкиот е далеку од бугарски диктат. Затоа, вели, СДСМ и проевропската коалиција нема да подлегнат на штетното, неодговорното и недржавничко однесување на ВМРО-ДПМНЕ и нема да дозволат земјата да биде блокирана од нивна страна.
„80% од македонските граѓаните се за членство во ЕУ, сакаат да живеат во европска држава, членка на НАТО и ЕУ. Нема да дозволиме иднината на државата да е блокирана од страна на Мицкоски и ДПМНЕ. СДСМ, заедно со граѓаните ќе направиме сѐ да ја разбиеме таа блокада и ќе успееме во тоа”,
рече Кузеска.