По информацијата дека Вашингтон одобрил испраќање на авиони Ф-16 во Украина од Данска и Холандија за одбрана од Русија, денеска министерот за одбрана на Украина, Олексеј Резников кажа дека обуката за украинските пилоти кои треба да се обучат да управуваат со ваков тип на авиони започна, но поради комплексноста и тежината, ќе трае најмалку шест месеци, а можеби и повеќе.
Тој рече дека детали околу тоа каде ќе се одржува обуката нема да се објават во јавноста и повика на трпеливост кај украинските граѓани. Во телевизиско интервју, тој кажа и дека шестмесечната обука се смета за минимум за пилотите, но се уште не е познато колку долго ќе трае обуката на инженерите и механичарите. Украина сака софистицирани воени авиони од американско производство за да се спротивстави на воздушната супериорност на Русија, чии сили ја нападнаа земјата во февруари 2022 година.
„Затоа, за да изградите разумни очекувања, поставете си минимум шест месеци, но не се разочарувајте ако е подолго”,
изјави Резников за Канал 24.