УНХЦР објави дека повеќе од четири милиони луѓе се раселени во Судан, а 1,1 милион побегнале во соседните земји. Според агенцијата за човекови права на ОН, досега се убиени повеќе од 4 000 луѓе, меѓу кои и стотици цивили

Поради конфликтот во Судан, до септември 1,5 милиони деца се изложени на ризик од глад, соопшти денеска организацијата „Спасете ги децата“ (Save the Children). Според податоците на таа невладина организација, во оваа источноафриканска земја веќе гладуваат осум милиони деца.
„Невозможно е доволно да се нагласи сериозноста на ситуацијата во Судан. Очајна, страшна криза за децата. Станува збор за милиони луѓе кои се исфрлени од своите домови, оставајќи се зад себе, консумирајќи само еден оброк на ден“,
рече Ариф Нур, директор на невладината организација „Спасете ги децата“ во Судан.
Бројот на изгладнети деца се зголемува за 17 илјади дневно. Конфликтите во Судан избувнаа пред четири месеци и според податоците објавени денеска од Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР) принудија повеќе од 4,3 милиони луѓе да избегаат од насилството.
УНХЦР објави дека повеќе од четири милиони луѓе се раселени во Судан, а 1,1 милион побегнале во соседните земји. Според агенцијата за човекови права на ОН, досега се убиени повеќе од 4 000 луѓе, меѓу кои и стотици цивили.
„Истекува времето за земјоделците да засадат култури што ќе ги хранат нив и нивните соседи. Медицинските материјали се дефицитарни. Ситуацијата излегува од контрола“,
објавија во заедничко соопштение повеќе агенции на ОН.
Судирите меѓу суданската армија и паравоените организација „Сили за брза поддршка“ (поранешна владина воена единица) избувнаа на 15 април поради тензиите поврзани со планираната транзиција кон цивилно владеење.
Извештаите за сексуални напади се зголемени за 50 отсто, според службеничката на Фондот за население на ОН, Лајла Бејкер.
„Милиони луѓе кои остануваат во Картум и во градовите во регионите Дарфур и Кордофан се соочуваат со неконтролиран грабеж и со долги периоди без струја, комуникации и вода. Сезонските дождови кои го зголемуваат ризикот од болести кои се пренесуваат преку вода уништија или оштетија домови на повеќе од 13 илјади луѓе“,
проценуваат ОН.
Напорите предводени од Саудиска Арабија и САД за воспоставување прекин на огнот се запрени, а хуманитарните агенции се борат да обезбедат помош поради несигурноста, грабежите и бирократските пречки, додаваат од ОН.
Портпаролот на Светската здравствена организација на ОН (СЗО), Маргарет Харис, предупреди дека околу 67 отсто од болниците во погодените области не се во функција.

Во контекст на „несигурноста, раселувањето на населението и нефункционалните лаборатории“, Харис алармира за тешкотијата да се контролираат тековните епидемии на сипаници и маларија. Условите, како што вели таа, се уште поопасни за децата, при што околу една третина од децата на возраст под пет години сега се хронично неухранети.
Ситуацијата е особено опасна за жените и девојчињата адолесценти, нагласи Лајла Бејкер, регионална директорка на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), при што на 2,6 милиони жени и девојчиња во репродуктивна возраст им е потребна хуманитарна помош.
„Околу 260 илјади жени сега се бремени, а речиси 100 илјади се очекува да се породат во следните три месеци. Но, без критичните услуги, вклучувајќи болници и безбедно породување, нивните животи и животите на нивните деца и бебињата кои ќе бидат идната генерација се сериозно загрозени“,
рече Бејкер.
Заканата од сексуално насилство е дополнителна опасност за жените и девојчињата, предупреди канцеларијата за човекови права на ОН, ОХЦХР. Според портпаролката Лиз Тросел, ОХЦХР добила веродостојни извештаи за околу 32 инциденти на сексуално насилство врз 73 жртви.
Јенс Лаерке, портпарол на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA) предупреди дека војната „ги уништува животите на луѓето и нивната татковина и ги крши нивните основни човекови права“.
Тој ги повика сите страни во конфликтот да ги прекинат борбите, да ги заштитат цивилите и да им дадат на хуманитарните организации неограничен пристап до сите области на Судан.