На местото на несреќата интервенирале четири екипи на Итната помош и сите повредени, согласно протоколите, се пренесени во Ургентниот центар во Белград за понатамошна дијагностика и лекување
Најмалку десет лица се повредени, од кои двајца потешко, во сообраќајна несреќа која утрово се случила во белградската населба Трошарина, во општината Вождовац. До несреќата, како што пренесуваат српските медиуми, дошло кога трамвај излетал од шините по судир со автобус.

Сите повредени во несреќата се пренесени во Ургентниот центар во Белград за понатамошно лекување, соопштиле оттаму.
Како што пренесува Н1, станува збор за деветмина патници и возачот на трамвајот.
„Имаме десетина повредени лица, уште една наша екипа е на самото место. Укажана е помош на двајца пациенти со тешки повреди, според протоколот за трауми и тие се пренесени во Ургентниот центар, за понатамашна дијагностика и лекување. Во Ургентниот центар се пренесени и сите други повредени патници за дијагноза и лекување“,
вели за РТС д-р Бојана Аќимовиќ од Итната помош на ургентното одделение на белградската болница.
На местото на сообраќајната несреќа интевенирале четири екипи на Брзата помош и полицијата.
Сообраќајната несреќа се случила околу 6 часот утрово.
Како што јавува репортерот на Н1, по несреќата, патниот сообраќај во овој дел на градот во ниту еден момент не бил во прекин, а трамвајскиот сообраќај бил нормализиран околу 7:30 часот.
Истрагата допрва треба да ги утврди причините за несреќата.