Медиумската и особено онлајн-писменоста не се само фраза, туку реална потреба со која ќе стекнеме вештини за да го олесниме нашето секојдневно функционирање, но и да останеме имуни на сите негативни појави кои со себе ги носи интернетот, вели специјалистот за нови медиуми, Бојан Кордалов
Социјалните медиуми, онлајн комуникациските платформи, па дури и сандачето за СМС-пораки на мобилниот телефон, се само дел од каналите преку кои во последниов месец интензивно се дистрибуираат официјалните информации поврзани со пандемијата со ковид-19. Дигиталните алатки се повеќе се користат од голем број влади во светот, но и од нивните основачи, како главно место за информирање на граѓаните.
Информативниот центар за ковид-19 е платформа која во најголемиот дел од европските држави (но се уште не и во Македонија) се појавува веднаш на главниот екран откако ќе се вклучите на Фејсбук и ве насочува кон официјалната страна за информирање за земјата во која се наоѓате.

Ако корисник од Македонија е во странство со неговиот телефон од матичната земја, кликот на информацискиот центар води до локалниот сервис koronavirus.gov.mk. Понатаму на неа се нудат совети за тоа како да се намали ширењето на заразата, а корисниците имаат пристап и до актуелни објави од релевантни институции како Светската здравствена организација и други извори кои се означени како безбедни.

Целта, како што наведе при презентацијата на Информативниот центар за ковид-19 сопственикот на Фејсбук, Марк Цукерберк, е да им овозможи на 2,5 милијарди корисници на оваа социјална мрежа точни и проверени информации за пандемијата. Истото се однесува и за Инстаграм и за ВацАп, платформи во сопственост на Фејсбук.
„Наш врвен приоритет и главен фокус е да им овозможиме на граѓаните пристап до добри информации и од доверливи извори за време на пандемијата“,
изјави Цукерберг.
Кордалов: Борбата со лажните вести мора да се одвива на сите нивоа
Ова е одличен пример на соработка и поддршка која социјалните медиуми ја покажуваат во пресрет на глобалната борба со ковид-19, смета Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми. Во време на светска пандемија, потребно е секој да го даде својот максимум во сферата на сузбивањето на полукредибилните информации и лажните вести кои глобално се шират на оваа тема.
Справувањето со лажните вести има повеќе нивоа, вели Кордалов.

„Прво е активна транспарентност на јавните институции, второ – санкционирање од страна на надлежните органи и социјалните медиуми на сите кои продуцираат дезинформации и трето, придонес на традиционалните медиуми, како и индивидуален граѓански придонес преку медиумско и дигитално описменување“,
вели Кордалов.
Доколку се работи на сите овие нивоа, целта ќе биде постигната.
„Како никогаш досега, секој човек има пристап до официјалните информации на СЗО и националните здравствени институции. Официјалните информации се постојано присутни на телевизиските екрани, но буквално ни излегуваат и при секое вклучување на мобилниот телефон, слушање на музика онлајн или проверка на нашите акаунти на социјалните медиуми. И ова се должи на перманентната и посветена соработка на релација здравствени институции – традиционални медиуми – социјални медиуми“,
појаснува Кордалов.
Модел за борба со „фејкњуз“ и за во иднина
Ваквиот начин на комуникација треба да биде пример и за во иднина не само во време на пандемијата, вели Кордалов. Овој период може да послужи јавните институции да се профилираат како натпартиски и независни кои работат единствено во интерес на секој граѓанин, но и да придонесе за поодговорно однесување на секој поединец на социјалните медиуми.
„Сите ние како индивидуи треба да го извлечеме максимумот и да ги ползуваме позитивните страни на дигиталните алатки во ера на ковид-19. Медиумската и особено онлајн-писменоста не се само фраза, туку реална потреба со која ќе стекнеме вештини за да го олесниме нашето секојдневно функционирање, но и да останеме имуни на сите негативни појави кои со себе ги носи интернетот“,
вели Кордалов.
Инфлуенсери од Финска во кампања за информирање за ковид-19
Не само социјалните медиуми, туку и влијателните корисници на социјалните медиуми со многу следбеници, таканаречените инфлуенсери, станаа официјални претставници за превенција од коронавирусот, но и од лажните вести во Финска.
„Можеме да допреме до голем дел од публиката во Финска преку официјалните комуникациски канали и преку традиционалните медиуми, но јасно ни е дека пораките на властите не секогаш стигнуваат до сите групи од популацијата“,
вели за британски „Гардијан“ директорката за комуникации во Владата на Финска, Паиви Антикоски.
Целта, додава таа, е да се овозможи подобар пристап до информации за оние до кои е тешко да се допре преку традиционалните медиуми.
Проектот е соработка помеѓу финската Влада, Националната агенција за снабдување во вонредни состојби и ПИНГ Хелсинки, консултантска фирма за социјални медиуми.
ПИНГ Хелсинки ги преработува соопштенијата на Владата во формат кој е соодветен за социјалните мрежи и ги испраќа на 1 500 инфлуенсери кои потоа ги споделуваат на своите профили. Тоа го прават волонтерски, пишува европскиот „Политико“.
СМС-пораки и билборди во Чешка
Чешката Влада, пак, ги искористи и мобилните оператори за дистрибуирање на информации до граѓаните. Додека границите беа отворени, СМС-пораки со совети за епидемијата со коронавирусот и каде можат да се добијат повеќе информации стигнуваа при влез во државата.

Истиот канал беше искористен и за информирање за мерките кои Владата ги презема, како затворањето на сите продавници освен за храна, аптеките и бензинските станици. Покрај тоа, во Прага можат да се забележат голем број билборди преку кои граѓаните се советуваат како да се однесуваат за да се заштитат од коронавирусот. Во поддршка на употребата на маски во секое време, мерка која Чешка ја воведе пред еден месец, се вклучени и познати личности од општествениот живот во Чешка кои апелираат за носење маски.
Достигнувањето до што побројна публика за правилно информирање за време на пандемијата мора да биде приоритет, вели Кордалов. Не е време за исклучивост и селективен пристап, туку точните и официјалните информации мора да пристигнуваат од секоја страна бидејќи се работи за јавен интерес, односно заштита на здравјето на секоја индивидуа, додава тој.