Вајс ќе биде одговорен за „тековната истрага“ на синот на претседателот Џо Бајден „како и за сите други прашања што произлегле или може да произлезат од таа истрага“, се вели во соопштението на Министерството за правда
Американскиот државен обвинител Мерик Гарланд денеска објави дека назначил специјален советник во истрагата за деловните зделки на синот на претседателот Џо Бајден. Гарланд го назначи Дејвид Вајс, американскиот адвокат во Делавер кој ги истражува финансиските и деловните зделки на Хантер Бајден, да служи како специјален советник.
Вајс ќе биде одговорен за „тековната истрага“ на синот на претседателот Џо Бајден, „како и за сите други прашања што произлегле или може да произлезат од таа истрага“, се вели во соопштението на Министерството за правда.
Веста e објавена за време на кампањата на неговиот татко Џо Бајден за втор претседателски мандат.
Хантер Бајден е обвинет за затајување данок и поседување огнено оружје додека бил зависник од дрога. Тој со години е на мета на поранешниот републикански претседател Доналд Трамп и на неговите сопартијци кои го обвинуваат за корупција, а Министерството за правда по секоја цена се обидува да избегне затворска казна за синот на актуелниот претседател.
Републиканците во Конгресот се заканија дека ќе поднесат барање за импичмент на Бајден и тврдат дека тој имал корист од бизнисот на неговиот син, пишува Ројтерс.
Ако има судење на Хантер Бајден, тоа ќе биде преседан во американската историја: синот на актуелниот претседател е обвинет за криминални дела во време кога неговиот татко води кампања за изборите во 2024 година, а неговиот противкандидат е многу веројатно републиканецот Доналд Трамп, кому му се закануваат три судења, наведува Ројтерс.
Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO