Покрај својата невенчана сопруга со која имал дете, убиецот Нермин Сулејмановиќ убил уште две лица – татко и син кои биле турски државјани, а тешко ранил уште едно лице од истото семејство – според неофицијални информации, тој ги убил и ранил овие лица поради нарушени односи од минатото
Бодибилдерот Нермин Сулејмановиќ ја убил својата невенчана сопруга бидејќи таа неколкупати во минатото го пријавувала за насилство, соопшти денеска министерот за внатрешни работи на Босна и Хереговина, Хајрудин Механовиќ. Тој соопшти дека убиената жена во јули поднела пријава за насилство против убиецот, но поради страв потоа ја повлекла.
Од Обвинителството во Тузла, пак, соопштија дека последната пријава за семејно насилство за ова лице од убиената жена пристигнала пред само три дена, но кога властите ја започнале процедурата, таа повторно ја повлекла пријавата.
„Станува збор за човек кој веќе неколкупати бил осудуван за различни кривични дела. Тој бил осуден и пред 15 години за обид за убиство”,
изјави портпаролот на тузланското обвинителство Адмир Арнаутовиќ.
Убиецот го пренесувал убиството на неговата невенчана сопруга во живо на социјалната мрежа Инстаграм, притоа порачувајќи им на своите следбеници дека ова е само почеток, по што отворил оган врз полицаец, кој со прострелни рани заврши во болница.
Потоа, убиецот се упатил на две различни локации каде што смртно ранил татко и син, а нивната сопруга, т. е. мајка завршила во болница со тешки повреди.
„Од претходно се во конфликт. Започнаа некаков заеднички бизнис во кој не успеаја, имаа несогласувања. Дополнително ги продлабочија несогласувањата што ги имаа во приватниот живот, а тоа е всушност еден вид на негова одмазда“,
изјави еден од очевидците за босанските медиуми.
Веднаш потоа полицијата ги затворила влезовите и излезите во градот Градачац и започнала масовната потера по убиецот која траела неколку часа. Убиецот, откако бил опколен од полициски сили, си го одзел и својот живот.
Инаку, видеата кои беа објавени на неговиот профил на социјалната мрежа Инстаграм се веќе отстранети, а сите следбеници кои му даваа поддршка во грозоморниот чин, ќе бидат повикани во полициска станица.
Сојузното министерство за внатрешни работи потврди дека видеата што ги споделил насилникот на социјалните мрежи се отстранети.
„Инспекторите на Одделот за компјутерски криминал при Федералната полициска управа во Сојузното министерство за внатрешни работи, во соработка со МВР на кантонот Тузла и со одобрение на предметниот обвинител, ја отстранија снимката од социјалната мрежа Инстаграм и прибавија податоци за корисничкиот профил, а кои беа проследени до инспекторите за компјутерски криминал на МВР на кантонот Тузла“,
изјави Ервин Мушиновиќ, началник на кабинетот на сојузниот министер за внатрешни работи.