Најмалку 36 лица загинаа во шумските пожари кои беснеат на островот Мауи на Хаваите, соопштија тамошните власти, јавуваат светските медиуми
Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска прогласи состојба на природна катастрофа на Хаваите, што овозможува испорака на федерална помош, откако во катастрофалните пожари на островот Мауи на Хаваите загинаа најмалку 36 лица.
Федералната помош во овој случај вклучува грантови за привремени станбени објекти и поправки на куќи, евтини кредити за покривање на оштетениот неосигурен имот и други слични програми за жителите на Мауи и фирмите погодени од пожарот.
Бајден телефонски разговарал со гувернерот на Хаваи, Џош Грин, и изразил сочувство поради загубените животи и уништената земја во пожарите, соопшти Белата куќа.
Најмалку 36 лица загинаа во шумските пожари кои беснеат на островот Мауи на Хаваите, соопштија тамошните власти, јавуваат светските медиуми.
Повеќе од 11 000 луѓе вчера беа принудени да го напуштат островот Мауи, соопшти директорот на одделот за транспрот на Хаваи, Ед Снифен, на прес-конференција.
Пет засолништа за евакуација се отворени на Мауи, кои, како што претходно соопштија официјални лица, биле „претрупани“ со луѓе.
Пожарникарите сè уште се борат со активните пожари, а хеликоптери исфрлиле илјадници тони вода во обид да го стават огнот под контрола.
Причината за пожарите во Мауи допрва треба да се утврди, но националната метеоролошка служба соопшти дека пожарите биле поттикнати од мешавина на сува вегетација, силни ветрови и ниска влажност.
Како што соопшти националниот центар за урагани, пожарот дополнително го разгореле ветровите од ураганот Дора кој беснеел на околу 1 380 километри југозападно од Хонолулу.