Главните патишта во земјата се затворени, а железничките услуги се во прекин во делови од Јужна Норвешка откако реките се излеаја од нивните корита

фото: EPA-EFE/Cornelius Poppe
Норвешка евакуира илјадници лица бидејќи реките се искачија на највисоко ниво во последните 50 години, а во неколку региони домовите и деловните објекти се потопени или се однесени од надојдените води, јави Ројтерс.
Главните патишта во земјата се затворени, а железничките услуги се во прекин во делови од Јужна Норвешка, откако реките се излеаја од нивните корита.

фото: EPA-EFE/Frederik Ringnes
Властите предупредуваат на дополнителни поплави што би можеле да следат во наредните денови бидејќи водата се движи кон ниските крајбрежни региони.

фото: EPA-EFE/Cornelius Poppe
Округот Инландет, една од најтешко погодените области во Норвешка, соопшти дека многу луѓе се изолирани од поплавите и дека службите за итни случаи можеби нема да можат веднаш да стигнат до сите на кои им е потребна помош.
„Ние се наоѓаме во вонредна ситуација од национални размери“,
кажа градоначалникот на Инландет, Ауд Хов.
Владата денеска одлучи да мобилизира повеќе хеликоптери за да учествуваат во евакуацијата, соопшти Министерството за правда и јавна безбедност за „ТВ2“, пренесува Ројтерс. Норвешките власти соопштија дека засега нема пријавено смртни случаи.
Во последните денови и Шведска и Финска се погодени од силен ветер и дождови, а се соочуваат и со лизгање на земјиштето.