Најголемиот дел на злоупотребата на личните податоци е токму преку порталите, оценува министерот

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на новинарско прашање за информацијата од Државната комисија за спречување на корупцијата во која се посочува на сомнеж и ризик од злоупотреба на лични податоци, рече дека за сите институции кои постапуваат со тој тип податоци постојат посебни правила и процедури.
При денешната посета на СВР Битола, Спасовски истакна дека за да се спречи злоупотребата на личните податоци треба да се работи многу повеќе на подигање на јавната свест, но и на репресивниот елемент.
„Ние и досега сме имале постапување по предмети коишто значат злоупотреба на лични податоци. Не може да стане збор за некакво масовно злоупотребување податоци или, пак, тенденција на некакво зголемување. Дополнително е познато дека постои посебна Агенција за заштита на податоци и тука за сите институции коишто постапуваат со личните податоци има посебни правила, прописи, процедури на основа на коишто се постапува. Најголемиот дел на злоупотребата на личните податоци е токму преку порталите, преку социјалните мрежи итн. Затоа треба да се работи многу повеќе во делот на подигање на јавната свест, меѓутоа и репресивниот елемент. Така што, тие предмети што ги работиме, ако имаат завршница во судот, тоа ќе влијае и на другите лица коишто злоупотребуваат лични податоци, а од друга страна мора да се работи на подигањето на јавната свест на граѓаните, тие мора да бидат запознаени дека не можат да се злоупотребуваат личните податоци на кој било“,
кажа министерот.
Вчера, како што објави „Мета“, Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на седница отворила сериозни сомнежи за трговија со милиони лични податоци на македонските граѓани.
Случајот се однесува на дигитализацијата на матичните книги, со податоци за умрени, родени и венчани, спроведуван преку Управата за водење на матичните книги, на распишан тендер кој го добила фирмата „Новатек инв“ ДООЕЛ.