Од Министерството за правда објавија дека предлог-законот е готов, тој се однесува за полесни кривични дела, а неговата цел е да се намали пренатрупаноста во затворите. Во објавата се тврдеше дека овој предлог начелно е прифатен од сите фактори и политички групи во земјата. ВМРО-ДПМНЕ, пак, вели дека Лога само ги информирал дека се подготвува закон, но не им го дал на увид

Наспроти тврдењата на Министерството за правда со кое раководи Кренар Лога од Алијанса за Албанците, опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ниту видела ниту прифатила предлог-закон за амнестија.
Пратеникот Бране Петрушевски вели дека Лога само ги информирал дека се подготвува закон, но не им го испратил на увид.
„Овој закон ниту е прифатен ниту е виден од страна на ВМРО-ДПМНЕ. На таа средбата со координаторите на пратеничките групи министерот Лога само информираше дека се подготвува закон и дека ќе ни го пушти на увид. Кога ќе го видиме законот тогаш ќе го изградиме ставот по ова прашање. Не може власта, во случајов Кренар Лога да ги злоупотребува тие средби, на кои само општо нè брифира и потоа информира медиуми дека некој нешто прифатил. ВМРО-ДПМНЕ не функционира на тој принцип како власта да носи ставови за прашања за кои ги нема на увид во конкретни законски измени“,
рече денеска Петрушевски одговарајќи на новинарско прашање.
Вчера, пак, од Министерството за правда објавија дека предлог-законот е готов, тој се однесува за полесни кривични дела, а неговата цел е да се намали пренатрупаноста во затворите. Во објавата се тврдеше дека овој предлог начелно е прифатен од сите фактори и политички групи во земјата.
„Предлогот на министерот за правда Кренар Лога начелно е прифатен од сите фактори и пратенички групи во земјава. Од овој закон корист ќе имаат многу граѓани на кои ќе им се даде дополнителна можност за ресоцијализација. Предлогот доаѓа по успешната амнестија на лицата кои сториле прекршоци за време на ковид-пандемијата. Целта на законот е да нема пренатрупаност во затворите и драстично да се ослободат затворските капацитети, со што ќе се создадат оптимални услови за другите затвореници“,
наведоа во објавата од Министерството за правда.