Државната агенција МИА извести дека утре ќе објави интервју со министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу во врска со измените на медиумските закони
Во денеска објавените фрагменти од интервјуто, МИА пренесува дека Алиу изјавил дека е „загрозена“ комуникацијата на институциите со граѓаните поради членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Тој член сега предвидува забрана за т.н. владини реклами, а беше донесен за да се спречи владино влијание во приватните медиуми
Следната недела ќе се одржи јавна дебата за втората фаза на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Ова во интервју за МИА го најавува министерот Азир Алиу. Интервјуто, сепак, ќе се објави утре, а државната агенција пренесува само неколку фрагменти од разговорот кој е исклучително важен за медиумската заедница во земјава – и за сопствениците на медиумите и за здруженијата на медиумските работници.

Едната важна тема најавена во интервјуто се т.н. владини реклами во медиумите. Во 2017 година тогашната влада на премиерот Зоран Заев најави дека престанува владиното рекламирање во медиумите. Во 2018 година таквата забрана доби и формален карактер, со измени на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
ЧЛЕН 102
Забрана за рекламирање
гласи изменетиот член 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
„Државните органи, органите на државната управа, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, јавните установи и институции како и правните лица со јавни овластувања и трговските друштва во целосна државна сопственост не смеат да предвидуваат средства за информирање и запознавање на јавноста со свои услуги или активности преку приватни радиодифузери.”
Причината за таквата измена беше фактот што во периодот 2008-2015 година владата предводена од Никола Груевски потроши 38 милиони евра од Буџетот на владини реклами и истражување на јавното мислење. Тие кампањи се емитуваа во печатени медиуми и на телевизиите. Како што потоа можеше да се слушне од „бомбите“, владини функционери имаа големо влијание врз уредувачката политика на некои од најголемите медиуми. Новинарските здруженија, експерти, тогашната опозиција, тврдеа дека тоа влијание е купено токму со т.н. владини реклами.
Сега, според зборовите на министерот Алиу кои ги пренесува МИА, се чини дека Владата сериозно размислува да се врати чекор назад. Поточно, во интервјуто за МИА, Алиу кажал дека се прават анализи:

„…За тоа да се преработи фамозниот член 102, за да биде во согласност со ЕУ директивите бидејќи сега не може да се користи, забранет е, но од друга страна потребата од јавните институции и комуникацијата со граѓаните е загрозена“,
пренесува МИА.
Не е тајна дека Владата и досега велеше дека го анализира прашањето, но во овие неколку зборови е важен тонот на министерот Алиу. Имено, во него се наѕира позицијата дека Владата смета дека и е „загрозена“ комуникацијата со граѓаните, односно дека има некој проблем. А штом има проблем, логично е да се очекува Владата да се обиде да го „поправи“. Што се кажал министерот, сепак, ќе се знае утре.
По прашањето, со поделени ставови се две групи. Една се сопствениците на медиумите. Преку нивните здруженија тие во неколку наврати бараа укинување на забраната, т.е. бришење на членот 102. Аргументите им се дека нема земја во Европа каде што кампањите од јавен интерес се забранети. Од друга страна се дел од новинарските здруженија. Тие бараат забраната да опстои, за не се повтори владината контрола врз медиумите како во периодот 2008-2015 година.
Во интервјуто што треба да биде објавено утре, Алиу говори за подготовката на измените на Законот за медиуми. Таму клучна точка е регулацијата на работата на порталите и издавачите на мултимедијални содржини.