На средбите на НАТО самитот во Вилнус, претставниците од земјите од Западен Балкан се очекува да го реафирмираат ставот за важноста на европските и евроатлантските интеграции за мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот на овој многу важен регион и за НАТО, но и за Европската Унија
Премиерот Димитар Ковачевски, кој заедно со министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за надворешни работи Бујар Османи се дел од делегацијата на С Македонија на Самитот на НАТО кој се одржува во главниот град на Литванија, Вилнус, рече дека за денеска се предвидени две сесии – првата со партнерите од индопацифичкиот регион, а втората ќе биде посветена на Украина. Тој вели дека при средбите со претставниците од индопацифичкиот регион, лидерите од Западен Балкан ќе ги реафирмираат ставовите дека брзата интеграција на регионот е од клучна важност за стабилноста и сигурноста на регионот.
„На состанокот ќе присуствуваат и претседателката на Европската комисија и претседателот на Европскиот совет на кој исто така ние премиерите и претседателите, претставници од Западен Балкан ќе го реафирмираме и ставот за важноста на европските и евроатлантските интеграции за мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот на овој многу важен регион и за НАТО, меѓутоа и за ЕУ“,
рече Ковачевски.
На првиот состанок на Советот НАТО-Украина би требало да се разговара за поддршката која НАТО ја дава на Украина, меѓутоа и за чекорите кои што ќе бидат направени во иднина се со цел поголемо приближување на Украина кон НАТО, вели Ковачевски.
„Вчера бевте информирани од генералниот секретар дека веќе е донесен нов план во однос на приближувањето на Украина. Тоа што беше пристапување во два чекори сега е во поедноставена процедура и дека наредите чекори и одлуки ќе зависат од консензусот на земјите членки како и од ситуацијата на теренот“,
рече Ковачевски.
Премиерот Ковачевски денеска покрај на двете сесии на Алијансата, ќе одржи билатерална средба со премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис.
Самитот на НАТО во Вилнус се одвива под зајакнати мерки за безбедност, а на него учество земаа вкупно 48 странски делегации со 2 400 членови, вклучувајќи 40 претседатели на држави или влади и над 150 високи официјални претставници.