На актуелниот претседател позитивно гледаат 38% од испитаниците од кои било побарано да дадат мислење за повеќе политичари од земјава
Али Ахмети, пак, е прв на листата по прашањето „Кога помислувате на човек од политичкиот живот, која е таа една личност во Северна Македонија на која гледате најповолно?“
Ќе ви прочитам список со имиња на политички фигури. Ве молам, кажете ми дали вашето мислење е многу поволно, делумно поволно, делумно неповолно или целосно неповолно за оваа индивидуа. Претходната реченица е прашањето што го добиле 1 204 испитаници, жители на земјава, во периодот меѓу 8 април и 4 мај 2023 година, за потребите на денеска објавената анкета на ИРИ (Меѓународниот републикански институт). Интервјуата се спроведени во живо, а изборот на соговорници ја одразува структурата на населението според последниот попис.

Кога ќе се земат предвид и позитивните и негативните одговори, политичар на кој се гледа најповолно во земјава е актуелниот претседател, Стево Пендаровски. По него, следуваат Никола Груевски и Христијан Мицкоски, додека најмалку поволно се гледа на Африм Гаши, Али Ахмети и Талат Џафери:
- Стево Пендаровски – 38% поволно/ 59% неповолно;
- Никола Груевски – 30% поволно/ 66% неповолно;
- Христијан Мицкоски – 30% поволно/ 67% неповолно;
- Моника Зајкова – 12% поволно/ 51% неповолно;
- Димитар Апасиев – 24% поволно/ 65% неповолно;
- Маја Морачанин – 13% поволно/57% неповолно;
- Димитар Ковачевски – 25% поволно/71% неповолно;
- Зоран Заев – 20% поволно/ 77% неповолно;
- Билал Касами – 14% поволно/ 76% неповолно;
- Арбен Таравари – 14% поволно/ 78% неповолно;
- Талат Џафери – 15% позитивно/ 83% неповолно;
- Али Ахмети – 16% позитивно/ 80% неповолно;
- Африм Гаши – 9% позитивно/ 80% неповолно.

Испитаниците добиле уште едно прашање поврзано со конкретни имиња од политиката. Прашањето, во вториот случај, гласи: „Кога помислувате на човек од политичкиот живот, која е таа една личност во Северна Македонија на која гледате најповолно?“
Во овој случај испитаниците давале спонтан одговор, односно сами кажувале кој политичар им доаѓа на ум. Во оваа категорија најдобар резултат има Али Ахмети, па потоа следуваат Никола Груевски, Христијан Мицкоски, Димитар Ковачевки и Стево Пендаровски. Дури 42% од граѓаните спонтано не споменале ниту едно име.
- Али Ахмети – 6%;
- Никола Груевски – 5%;
- Христијан Мицкоски – 5%;
- Димитар Ковачевски – 4%;
- Стево Пендаровски – 3%.
