Дел од вработените во ЈСП „Скопје“ велат дека утре од 4:30 до 12:30 часот ќе протестираат пред седиштето на претпријатието, а од раководството велат дека причината за штрајк на новоформираниот синдикат, четврти по ред, е нелегитимна бидејќи од 1 јуни е зголемена платата на сите вработени во ЈСП

Утре наутро Скопје повторно ќе има проблем со јавниот превоз откако дел од вработените во ЈСП „Скопје“ најавија дека ќе протестираат. Вработените велат дека утре од 4:30 до 12:30 часот ќе протестираат пред седиштето на претпријатието во населбата Автокоманда и дека автобусите ќе возат по редуциран возен ред, а доколку никој од раководството на ЈСП не ги прими на разговор, тие по 12:30 часот ќе си заминат дома и во Скопје пак ќе нема автобуси.
Според Елизабета Тошевска, претставник на синдикатот „Спајс“ при ЈСП причина за штрајкот е неусогласување на минималната плата со Колективниот договор на ниво на работодавач, односно зголемување за 2 170 денари за вработените во претпријатието. Тошевска вели дека вработените ќе штрајкуваат и за, како што рече, неисполнетите барања и игнорантскиот однос на раководството на јавното претпријатие, но и поради кршење на правата од работен однос и безбедност и здравје при работа.
„Причина за штрајкот е усогласување на минималната плата со Колективниот договор, неисплата на прекувремени часови за прекувремена работа, неисплата на хранарина на работниците што работат навечер од 22 до 6 часот, дискриминација на помлад возач, луѓе кои се со лиценца и која важи секаде во светот, а тука се помлади возачи со години“,
вели Тошевска.
Таа информира дека во ЈСП вкупно се вработени 1 300 лица, а 600 се возачи.
За најавите за штрајк во ЈСП денеска, по состанокот на градоначалниците од Скопскиот плански регион, кажа и градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
Од Јавното сообраќајно претпријатие, пак, преку соопштение потврдуваат дека штрајк ќе има, но велат дека функционирањето на јавниот градски превоз утре ќе биде редовен и без задршки.
„Апелираме до медиумите да бидат одговорни и да не шират лажни вести и паника кај граѓаните. Истовремено, сакаме да потенцираме дека причината за штрајк на новоформираниот синдикат, четврти по ред, е нелегитимна бидејќи од 1 јуни зголемена е платата на сите вработени во ЈСП. Апелираме, медиумите и синдикатите да не дозволуваат да бидат инструментализирани од политиканти и политички бандити“,
се вели во соопштението од ЈСП „Скопје“.
Минатата година вработените во јавното претпријатие исто така не излегоа да возат бидејќи ЈСП „Скопје“ им доцнеше со исплатата на плати во законскиот рок, но откако проблемот беше решен, автобусите продолжија да сообраќаат по скопските улици.
Најавите за утрешниот штрајк на дел од вработените во ЈСП „Скопје“ ќе биде вториот што се случува во скопските јавни претпријатија. Вработените во „Комунална хигиена“ неколку дена протестираат пред претпријатието, а со тоа се предизвика градот да биде преплавен со ѓубре.