Хелсиншкиот комитет за човекови права достави инцијатива до Уставниот суд со која оспорува три члена од измените на Законот за работни односи, приспособени на потребите на „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д. Иницијативата е поднесена на 4 јули, а се оспоруваат членовите 1, 2 и 3 од законот. Одредбите што ги оспоруваат се однесуваат на делот за начинот и местото на исплата на платата на работниците кои работат на проекти од стратешко национално значење, за прекувремената работа и за одредбата со која се предвидува исклучок од правилото недела – неработен ден.
Според Хелсиншки, издигнувањето на одлуките на извршната власт на ниво на закон значи мешање на извршната во улогата на законодавната власт. Со користењето на поимот национален стратешки интерес (без негово подетално дефинирање), како основ за утврдување на паралелни правила кои ќе важат само во одредени случаи, се овозможува, како што велат, постоење на паралелни законски решенија за работните односи, чија примена ќе зависи од проценката на одредени структури што не се јасно утврдени, а резултат на тоа е правна несигурност и нееднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.
„Законските измени претставуваат експлоататорски решенија што ги уназадуваат работните односи во државата и ја оддалечуваат од тенденциите на Европската Унија и меѓународните конвенции. Со предложените измени драстично се ограничува и оневозможува остварувањето на работничките права. Станува збор за намалување на траењето на дневниот и неделниот одмор во стратешки проекти, но имајќи го предвид актуелниот повод за измените во законот, се работи за градежништвото, каде работата се извршува на отворено, во секакви временски услови и бара исклучителни физички напори. Воедно се работи за извршување работи и работни задачи каде што има највисок степен на ризик по безбедноста и здравјето при работа поради изложување на штетни материи и изложување на опасни активности за кои се потребни посебна психофизичка подготвеност и луцидност во извршувањето. Тоа е класична експлоатација на работната сила, која излегува од рамките на хуманизмот и хуманиот третман на човекот и граѓанинот што подразбира вреднување на човечкото суштество и човековата состојба“
наведуваат од Хелсиншкиот комитет.
Заедничкиот именител на секоја од овие измени е „стратешко и национално значење“, а правилата кои се предвидени во оспореното законско решение всушност се исклучоци од веќе поставените правила кои би важеле за проекти од национално стратешко значење, објаснуваат од организацијата.
„Вака поставениот стандард кој е услов за утврдување на поинакви правила во остварувањето на правата од работен однос доведува до нееднаков третман на работниците од исти гранки и од различни гранки, а отсуството на законска рамка која ќе го регулира прогласувањето на одредени проекти од национално или стратешко значење доведува до правна несигурност и широко поле за злоупотреби“
пишува во соопштението.