Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, му возврати на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека има лоша смисла за хумор и несоодветни метафори во однос на уставните измени, откако тој вчера рече дека опозицискиот лидер ќе се разбуди од сон кога на телевизија ќе види како поминуваат уставните измени. Мицкоски го повтори ставот дека единствена опција за неговата партија се предвремени избори.
„Смислата за хумор на Бујар Османи никогаш не му бил добра карактерна особина и честопати неговите метафори и лошиот хумор не се добро разбрани ниту од мене ниту од јавноста, бидејќи не знаеме што сака да каже. Ако како медицинско лице е загрижен за мојот сон, тие што ме познаваат знаат дека бргу и малку спијам. Рано се будам и долго работам во текот на денот. А ако како политичар се обидува да употреби метафора, тогаш мислам дека му е погрешна. Сме кажале во минатото многупати дека ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа диктати како бугарскиот и ако се реферира на уставни измени, такви нема да има. Нека се охрабри да одиме на предвремени избори, па потоа може да размислуваме за други работи“
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски додаде дека по предвремените избори ВМРО-ДПМНЕ ќе бара да се променат околностите, па потоа да се отвораат темите за можни уставни измени.
„Не правиме заткулисни договори со никого и ништо, на маса има само една опција – предвремени парламентарни избори. После тие избори, нашиот став што се однесува до бугарскиот диктат останува непроменет, вакви околности и сега и тогаш во иднина сѐ додека јас сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ, нема да прифатиме. Подготвени сме да разговараме да се сменат тие околности, да видиме што ќе добие овој народ и Македонија како држава во форма на гаранции, предвидливост на процесот, па дури потоа да разговараме“
додаде Мицкоски.
Шефот на дипломатијата Османи во интервју за Канал 5 вчера рече дека предлогот за уставните измени наскоро ќе биде доставен до Собранието. Според него, тоа што сега се зборува за измените е само партиска политика, а граѓаните не ја знаат суштината на текстот, односно, вели, луѓето се изненадуваат кога ќе се соочат со текстот бидејќи тоа е сосема различно од она што се нуди во медиумскиот простор.