На ваков начин украинскиот претседател изразува револт за третманот на поранешниот грузиски претседател, кој е и украински државјанин и бара Грузија да го префрли Сакашвили на лекување во Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски одлучи да наложи амбасадорот на Грузија да ја напушти Украина во знак на протест поради состојбата во која се наоѓа поранешниот грузиски претседател Михаил Сакашвили, исто така и украински државјанин, а кој при изведување пред судот во Тбилиси изгледаше видно ослабнат и изнемоштен.
„Побарав од Министерството за надворешни работи да го повика грузискиот амбасадор, да го извести за нашиот протест и замолив да ја напушти Украина во рок од 48 часа“,
напиша Зеленски на социјалните мрежи.

Тој обвини дека всушност Русија го убива поранешниот грузиски претседател и побара експретседателот на Грузија да биде префрлен на лекување во Украина.
Неколку грузиски телевизиски канали денеска објавија фотографии од Сакашвили на кои се гледа дека ослабнал, а тој во текот на сослушувањето преку видео-врска во еден момент ја крена маицата под која се видеа ребрата и видно изгубената тежина.

„Апсолутно невин човек се држи во затвор“,
рече поранешниот грузиски претседател кому му се суди за злоупотреба на положбата.
Според неговите лекари, пред апсењето тој имал 115 килограми од кои изгубил 60 во затвор, а тврдат и дека има труење со тешки метали.
Сакашвили беше претседател во периодот од 2004 до 2013 година, пред да побара азил во странство каде живееше осум години. Најмногу време помина во Украина каде во 2019 година се стекна и со украинско државјанство.
Во Грузија се врати пред локалните избори во октомври 2021 година, но веднаш беше уапсен и спроведен во затвор поради обвинение за злоупотреба на власта. Потоа, 50 дена штрајкуваше со глас во знак на протест поради затворските услови.