Косовскиот премиер Албин Курти ги нарече неоправдани мерките на ЕУ за Косово, меѓу кои се привремен прекин на работата на работните тела во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, мораториум за покани на високо ниво до Косово, стопирање на ИПА-фондовите, Фондот за инвестиции на Западен Балкан…
Стапувањето во сила на, според Курти и ЕУ „мерките“, а според косовските медиуми „санкциите“ беше објавено синоќа, по неколкунеделни најави дека такво нешто ќе се случи ако владата во Приштина не ја деескалира состојбата на северот на земјата во мнозинско српските општини
Мерките на ЕУ против Косово се неоправдани и се надевам дека ќе бидат краткотрајни. Тоа во кратки црти е ставот на косовскиот премиер Албин Курти откако синоќа стапија во сила мерките, односно санкциите на Европската унија кон Приштина.
Причините за таквиот чекор на Брисел се и повеќе од јасни. Се бара од косовската влада да ја деескалира состојбата на северот на земјата, каде што живее мнозинско српско население. Тензиите таму тлееја подолго време, но ескалираа кога официјална Приштина спроведе избори во четирите мнозинско српски општини и покрај бојкотот на Србите, па беа избрани градоначалници Албанци кои добија по едвај стотина гласови.
За волја на вистината, Брисел не ја проблематизираше одлуката на Приштина да спроведе вонредни локални избори, туку се вклучи со критики откако Србите се побунија кога новите градоначалници се обидоа да влезат во општинските згради, што доведе до судири и насилство.
Ние си ја вршиме нашата работа
Денеска во близина на Штимље косовскиот премиер пушташе во употреба нов детски парк. Патем, изграден со донација од сојузната германска покраина Северна Рајна-Вестфалија. Тоа беше прва шанса за Курти да го искаже својот став пред новинарите, кој е под се посилен притисок од Вашингтон, а од синоќа и од Брисел. Според дописникот на МИА од Косово, премиерот на Косово бил јасен дека тој не може да прави компромиси со владеењето на правото и со уставноста на државата – термин што го користеше и изминатите недели кога објаснуваше дека полицијата не може едноставно да ги ослободи агресивните демонстранти ниту, пак, дека е возможно да поништи легитимен изборен процес.

„Како и да е, ние си ја вршиме нашата работа. Но, да не заборавиме дека не можеме да правиме компромиси со владеењето на правото и со уставноста на државата. Затоа ќе продолжиме со реализацијата на нашата владина програма и се надеваме дека овие привремени мерки ќе бидат краткотрајни и дека европската поддршка и помош ќе бидат комплетни, затоа што Косово има потреба од поддршка во развојот“,
рече Курти.
Србија има криминално минато
Одлуката да се санкционира Косово, според Курти, е неправедна и затоа што не се санкционира другата страна – Србија.
„Ова не се санкции, туку вистината е дека се времени, но неправедни мерки, затоа што Косово и влада се најдемократската проевропска и прогресивна држава. На другата страна имаме постојан судир со разни форми на агресија од Србија, која е автократска и проруска држава и која не се соочила со криминалното минато на просторите на поранешна Југославија, каде што предизвика четири војни“,
ја пренесува МИА изјавата на Курти.
Независно што мислат Вашингтон и Брисел, Курти и понатаму тврди дека неговата земја е поподготвена и позаинтересирана од Србија за нормализирање на меѓудржавните односи со фактичко меѓусебно признавање.
„Преговарачката маса е за спроведување на договорот за целосна нормализација, како и за деескалација. Ние сме многу поподготвени и позаинтересирани од другата страна за нормализација со де факто признавање во центарот, за меѓусебно признавање, а исто така сме заинтересирани и за деескалација на состојбата, за што јас и јавно сум зборувал на сите јазици што ги знам, со цел да имаме мир стабилност на северот на Косово, но и за Косово и Србија да градат европско добрососедство“,
изјавил Курти.
Европската Унија вчера соопшти дека стапиле во сила мерките кон Косово поради непреземање дејствија за средување на состојбите на северот на земјата. А актуелната состојба на северот на Косово е последица на низа фактори.
Сепак, во сржта на проблемот е создавањето на т.н. Заедница на српски општини. Во теорија, станува збор за воведување повисоко ниво на автономија за четирите сегашни општини во кои живее доминантно српско население. Зад идејата стојат и Брисел и Вашингтон, како дел од патот на нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина.
Последен пат на високо ниво на темата се разговараше во Охрид. Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, со посредство на еврокомесарот Борел, го договараа анексот за спроведување на претходно постигнатиот договор за нормализација на односите. И планот и анексот го опфаќаат прашањето на самоуправувањето на Србите на Косово.
Во Охрид потпис не ставија ниту Курти ниту Вучиќ. Борел кажа дека анексот и договорот ќе се сметаат за усвоени со негова објава. Високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедност тогаш кажа и дека првично бил предложен поамбициозен текст, за на крај да се задоволат со поскромна верзија.
Во моментов Брисел бара од Приштина да го спроведе планот од три точки што го предложи ЕУ, а со кој се бара смирување на тензиите на северот, одржување нови градоначалнички избори во четирите општини со мнозинско српско население и враќање на дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, со посредство на ЕУ.