Француската премиерка Елизабет Борн ги опиша настаните во Франција како „неподносливи и неоправдани“ по состанокот со министрите утринава
Вкупно 667 лица се уапсени во Франција до рано утрово, соопштија официјалните власти откако трета ноќ по ред беснеат насилства и немири во земјата по убиството на 17-годишното момче од страна на полицаец во Нантер, во близина на Париз.

Француските власти распоредија 40 000 полицајци низ целата земја за да се справат со ситуацијата, но и покрај тоа, немирите синоќа продолжија со несмален интензитет. Францускиот претседател Емануел Макрон свика кризен состанок на министрите, кој треба да продолжи денеска, пренесува „Гардијан“.
Француската премиерка Елизабет Борн ги опиша настаните во Франција како „неподносливи и неоправдани“ по состанокот со министрите утринава.
Демонстрантите трет ден по ред фрлаа огномети и други пиротехнички средства кон полицијата, а сликите на запалени канти за отпадоци, автомобили, автобуси и магацини сведочат за степенот на нередите.

Во некои градови, како што јавуваат новинските агенции, цел на напади и опожарувања биле и јавни згради, а немири и судир со полицијата имаше од градот Лил на север до Марсеј на југот на Франција.
Демонстрантите се судрија со полицијата во Париз, каде што палеа канти, а првпат имаше ограбување на продавници во центарот на главниот град.
Во Рубиакс гости во хотел биле принудени да излезат на улица откако зградата била зафатена од пожар.
Министерот за внатрешни работи на Франција Џералд Дарманин, кој повика на „поддршка за нашите полицајци, жандарми и пожарникари кои вршат храбра работа“, рано утрово бил фотографиран од француските медиуми во полицискиот штаб во Париз.
Немирите, според агенциските извештаи, повторно биле особено интензивни во регионот на Париз, каде што групи демонстранти се судрија со полицијата во Нантер и други предградија. Некои од демонстрантите, како што пренесува АФП, користеле импровизирани гранати.
Испишувајќи графити „Одмазда за Нахел“ на фасадите од зградите, тие во Нантер запалиле автомобили, забарикадирале улици и фрлале со проектили врз полицијата откако мирното бдеење и маршот предводен од мајката на убиеното момче Нахел М. прерасна во насилство.
Немирите започнаа во вторникот откако полицаец го уби 17-годишното момче од алжирско-мароканско потекло, Нахел М., кое се обидело да се оддалечи со своето возило кога полициската екипа се обидела да го запре. Полицаецот што пукал во Нахел му се извини на семејството. Тој е обвинет за убиство.

Јавниот обвинител на Нантер, Паскал Праше, вчера изјави дека Нахел починал од еден истрел кој поминал низ левата рака и градниот кош бил запрен од полицијата. Полицаецот рекол дека отворил оган затоа што се плашел дека тој и неговиот колега или некој друг може да бидат удрени од автомобилот што го управувал 17-годишникот, соопшти Праше.
„Јавниот обвинител смета дека не се исполнети законските услови за употреба на оружјето“,
изјавил Праше, пренесува „Гардијан“.
Нахел М., додал Праше, ѝ бил познат на полицијата бидејќи и претходно не ги почитувал наредбите за запирање во сообраќајот.
Француските лидери се свесни за ризикот дека смртта на тинејџерот може да предизвика поширок револт против полицијата, политичарите и државата.
Но, и покрај обидите да се смири ситуацијата, употребата на елитните полициски единици и голем број дополнителни полицајци, француската влада сè уште ја нема ситуацијата под контрола.