Со изведба на „Оче наш“, од 18 часот почна најавениот собир на МПЦ-ОА на платото на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
На бината е поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан, заедно со членовите на Синодот на МПЦ-ОА, бискупот на Католичката црква во Македонија, Киро Стојанов, како и академик Катица Ќулавкова.

Во дворот и околу Соборниот храм има голем број граѓани кои даваат поддршка на протестниот собир на МПЦ-ОА.
Присутните носат знамиња со ѕвездата од Кутлеш, икони, крстови и транспаренти.








Во Соборниот храм има приватно обезбедување, а надвор е присутна и полицијата. Во моментов течат говорите.
Под мотото „Имаме должност“, МПЦ-ОА организира сенароден собир во знак на протест против предлог-законите за родова еднаквост и за матична евиденција за кои вели дека се сериозна закана за општеството.
Oд 17 часот, па сѐ до завршување на протестот за сообраќај ќе бидат затворени следните крстосници: бул. „Партизански одреди“ со бул. „ВМРО“ во правец кон Карпош, бул. „Партизански одреди“ со ул.„Франлкин Рузвелт“ во правец кон Центар, бул. „Илинден“ со бул. „Св.Климент Охридски“ во правец кон Соборниот храм и бул. „Св. Климент Охридски“ со ул. „Димитрије Чупоски“ во правец кон Соборниот храм.
Неколку часа претходно, епископот Јаков Стобиски преку видеообраќање ги повика оние што ќе бидат дел од протестот да останат смирени и да не потпаѓаат на провокации од организации и луѓе кои, како што вели, перманентно и систематски го поткопуваат нашето општество и вредносен систем.