По цели два месеца откако го одзеде предметот за дивоградбите од Општина Центар, наводно во момент кога локалната власт сакаше да ги руши двата нелегални објекта изградени на државно земјиште, Државниот градежен инспекторат конечно испратил и решение кое не е по волја на локалната власт
Претходно Општина Центар не успеваше да ги сруши дивоградбите од други причини. Прво, немаа избрано фирма за рушење дивоградби, а откако избраа, МВР немаше полицајци за да ја обезбедуваат акцијата
Минатиот вторник премиерот Колачевски и дел од неговиот кабинет поминаа два часа на брифинг со повеќе новинари и уредници од земјава. Едно од прашањата до присутните членови на извршната власт беше: „Дали Општина Центар го доби назад предметот кој ѝ беше одземен од Градежниот инспекторат, наводно токму во моментот кога локалната власт тргна да ги руши две дивоградби на нејзина територија кај Пластичарската улица?“
Ова прашање беше упатено до премиерот бидејќи за дивоградбите на државна земја се пишува повеќе од половина година, а се чини дека институциите, локални и централни, пред сè бараат повеќе причини да не постапат отколку да постапат. А, и Ковачевски при последното гостување во емисијата „360 степени“ кажа дека ако не стигне одговорот од Инспекторатот во текот на минатата недела, тој ќе повика обвинител.
Има одговор, но не се знае што има во диспозитивот
Уште додека траеше брифингот, присутните од владиниот кабинет успеаја да проверат и да потврдат дека Градежниот инспекторат испратил решение до Општина Центар. Од тој момент фокусот го насочивме кон локалната власт барајќи одговор – што им одговориле од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ).
Ги поставивме следните прашања:
- Каков одговор добивте од ДИГУ за предметот со дивоградбите на улицата Пластичарска?
- Кое е образложението на нивниот одговор?
- Како Општината ќе постапи по одговорот на ДИГУ?
По еднонеделна преписка, ова е одговорот што го добивме. Интегрално:
„По извршениот инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, предметите за двата објекти на улицата Пластичарска се вратени во Општина Центар со записници од извршените вонредни инспекциски надзори.
Општина Центар во законски предвидениот рок од 8 дена достави приговор на наводите и задолжувањата во записниците од вонредните инспекциски надзори од ДИГУ поради несогласување со истите.
Откако ќе заврши целосната административна процедура, ќе ги знаеме понатамошните чекори кои ќе треба да се преземат во врска со овие објекти“,
Од овој одговор не е јасно која е одлуката на ДИГУ. Само посредно може да се заклучи дека не е во иста насока како и претходното решение на Центар, со кое се предвидуваше рушење на објектите. Едно е сигурно, за што и да станува збор ќе треба „административна процедура“. А, додека трае таа процедура, дивоградбите се безбедни бидејќи не може да се руши.
Само неофицијално „360 степени“ дознаа дека Градежниот инспекторат ги поништил решенијата за рушење на Општина Центар. Но, ниту неформално немаме информација – кое е образложението зад таквата одлука.
Државата штити дивоградба на државна земја?
За потсетување, овој објект еднаш беше срушен кога градоначалник на Центар беше Андреј Жерновски. При крајот на минатата и почетокот на оваа година повторно почнаа градежните активности.
На медиумските извештаи дека на државните парцели се градат нелегални објекти Општината Центар прво се оправда дека не може да дејствува бидејќи нема избрано фирма за отстранување дивоградби. Откако помина тендерот и се избра фирма, Центар бараше, но не доби асистенција од полицијата со образложение дека полициските службеници биле прекувремено ангажирани поради големиот број дојави за бомби во тој период.
И токму кога конечно Општината и МВР најдоа кадар и време, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ) ја одзеде целата документација за случајот, со што акцијата беше пробиена и стопирана. Ваквата состојба на статус кво траеше речиси два и пол месеци.

„360 степени“ повеќе од два месеца бараше став од градоначалникот на Центар за дивоградбата(-ите) кај Пластичарска откако му ги даде документите на Градежниот инспекторат. Пред сè, баравме информација – по кој закон и член го предал предметот. Првично, оттаму ни одговорија дека документацијата им била одземена по член 145 од Законот за градење.
Тој член, практично, значи одземање на надлежноста на општината по предметот. Но, таквата процедура подразбира и потпис од министерот за транспорт.
Откако откривме дека министерот не ставил потпис на такво нешто, по долг молк, од Градежниот инспекторат ни одговорија со поинакво тврдење – дека побарале увид во предметот врз основа на претставка, односно по член 131 став 4 од Законот за градење и член 79 став 2 точка 1 од Законот за инспекциски надзор.
Со други зборови, поради за јавноста анонимна претставка, Државниот инспекторат и понатаму спречува рушење дивоградби, и тоа изградени на државни парцели.