Вицепремиерот за европски прашања кажа дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за усвојување на уставните измени со одложено дејство се движи надвор од Преговарачката рамка. Во врска со вториот предлог на опозициската партија, пак, Маричиќ кажа дека е добро да се седне на зедничка маса и да се разговара што од барањата е реално и за што може да се очекува поддршка од Европската Унија и од нејзините членки, а за што не
Како што ВМРО-ДПМНЕ направи чекор напред на оваа лидерска средба, сигурен сум дека ако имаме повеќе средби, ќе направат повеќе чекори. Можеби токму тоа и ги плаши и затоа не сакаат да има повеќе средби. Но, мислам дека е разумно повторно да седнеме и да разговараме таму каде што заврши лидерската средба и во наредните денови може да ги поместиме позициите.
Ова во интервју за ТВ Сител го изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, говорејќи за барањата во врска со уставните измени кои опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги изнесе по лидерската средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.

Зборувајќи во оваа насока, Маричиќ кажа дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за усвојување на уставните измени со одложено дејство се движи надвор од Преговарачката рамка.
„Ние се движиме во едни реални рамки. За жал, ВМРО-ДПМНЕ се движи во нереални рамки надвор од Преговарачката рамка. Тој предлог на ВМРО-ДПМНЕ значи повторно преговарање на рамката којашто е веќе усвоена минатата година“,
рече Маричиќ.
Вицепремиерот беше прашан и, доколку првиот е нереален, дали вториот предлог кој го изнесе ВМРО-ДПМНЕ е разумен – да се бараат гаранции од европските институции за заштита на националните интереси на земјава, да се спроведат три пресуди од Судот во Стразбур, по избор на Бугарија, и да се добие економски пакет од ЕУ.
„Ние веќе имаме некои економски пакети коишто ни ги дава Унијата и треба да ги користиме тие. Пресудите од ЕСЧП на имплементација на Бугарија не зависат од која било земја членка на ЕУ исто како што не зависи нашето спроведување на пресудите од која било друга членка на ЕУ. Но, мислам дека ако седнеме да разговараме, можеме да ги провериме овие работи, да видиме што од ова е реално, што од ова можеме да очекуваме и во кој рок да се случи и за што може да очекуваме поддршка од ЕУ и од земјите членки таму, а за што не“,
рече вицепремиерот за европски прашања.

Најлесно што може да добиеме, вели Маричиќ, се гаранциите, бидејќи тие веќе ги имаме во Преговарачката рамка.
„Ако ги видите документите на ЕУ од минатото лето, каде што е усвоена Преговарачката рамка, каде што има заклучоци на Советот на ЕУ – таму е точно утврдено дека целото право ќе се преведе на македонски јазик, дека ние скринингот иамаме право да го изведуваме и го изведуваме на македонски јазик и дека ЕУ не го оспорува нашиот идентитет и јазик. Тоа што Бугарија има еднострани изјави на свое видување, тоа не значи дека ЕУ го прифатила како сопствен став“,
вели Маричиќ.
Тој уште еднаш ја повика најголемата опозциска партија на, како што рече, разумен разговор за тоа како да се дојде до точката до којашто ќе се преземе и заеднички ќе се сподели одговорноста во споменатата заедничка влада на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ и ќе им се олесни на граѓаните оти земјава навистина има европска перспектива.