Прашан да ја коментира волјата на ДУИ за напуштање на Владата откако претходно би се изгласале и би стапиле во сила уставните измени, вицепремиерот вели оти идејата е сите да бидат вклучени, а не некој да е исклучен од процесот бидејќи, како што рече, влегувањето во меѓупартиска, но и во меѓуетничка битка е непотребно во овој момент
Доколку опозицијата чувствува спремност, ние сме подготвени уште веднаш да се формираат некакви работни групи или тимови кои ќе разговараат како да се имплементира прашањето по однос на уставните измени.
Ова на настанот „Аудиториум“, во организација на Институтот БИРЦ го изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, коментирајќи ја вчерашната лидерска средба помеѓу лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Вицепремиерот позитивно го оцени одржувањето на лидерската средба на која, како што кажа, имаше искрен и отворен дијалог за дефинирање на позициите на двете најголеми политички партии, но ќе биде лошо, рече Маричиќ, доколку останеме единствено на оваа средба и доколку разговорите не продолжат.

Маричиќ додаде дека власта е подготвена да донесе закон за преговори со Европската Унија, со кој, како што рече, некои од грижите на опозицијата за тоа дали ќе се допираат идентитетските прашања во текот на преговорите, може таму да се уредат како обврски на Владата.
„Денеска гледам дека од страна на опозицијата има некакви реакции на ретерирање од она што беше кажано вчера оти уставните измени се прифатливи и за нив под некои услови и дека не е толку баук да се внесат Бугарите во Уставот или тој да се прошири за уште неколку заедници“,
вели вицепремиерот за европски прашања.
Прашан да ја коментира волјата на ДУИ за напуштање на Владата откако претходно би се изгласале и би стапиле во сила уставните измени, Маричиќ вели оти идејата е сите да бидат вклучени, а не некој да е исклучен од процесот бидејќи, како што рече, влегувањето во меѓупартиска, но и во меѓуетничка битка е непотребно во овој момент.
„Напротив, мислам дека треба сите да бидат вклучени, но ставот на партијата на господинот Ахмети, дека е подготвена и на таа жртва доколку опозицијата навистина ќе гласа за уставните измени, покажува едно високо ниво на одговорност и зрелост и мислам дека тоа сите го цениме многу, а особено граѓаните. Но, не верувам дека е тоа проблемот или дека е тоа решението“,
изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Маричиќ додаде оти ВМРО-ДПМНЕ не треба да ја одбие подадената рака за соработка бидејќи, како што вели, сите нивни барања или очекувања се на некој начин исполнети или се во добар дел исполнети и оттука немаат причина да не ги поддржат измените во Уставот.
„Се надеваме дека ова нема да биде еднократно покажување на добра волја на опозицијата и дека ќе влеземе во оперативна имплементација на идеите. Ние уште денес би стапиле во комуникација за да видиме дали има расположение да се продолжи со разговорите. Не мора тоа постојано да се одвива на лидерско ниво. Наредните средби може да се подготват поинаку, меѓутоа важно е да не застанеме само на една средба“,
вели Маричиќ.