Во акцијата, која била спроведена денеска рано наутро, осомничени се вкупно 18 лица, од кои тројца се во бегство. Тие се товарат за трговија со дрога и оружје. Јавен обвинител од ОЈО ГОКК по акцијата донел наредба за отворање истражна постапка против осомничените кои се товарат за трговија со дрога и оружје. Претресите во текот на ноќта биле извршени на локации во селото Арачиново и во скопските населби Сингелиќ, Кисела Вода, Карпош и Шуто Оризари
Полициски тимови под раководство на надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) утрово спровеле организирана акција во која се разбиени три повеќечлени криминални групи, инволвирани во трговија со дрога и оружје.

Во рамките на акцијата, како што информираа попладнево од Обвинителството и од Министерството за внатрешни работи, во текот на ноќта биле извршени претреси на 27 локации во Арачиново, Сингелиќ, Кисела Вода, Карпош и Шуто Оризари.
Уапсени се 15 осомничени лица на возраст од 20 до 54 години, сите од главниот град, додека по тројца и натаму се трага.
Истражните органи при претресите пронашле и одзеле кокаин и марихуана, кои се дадени на вештачење, потоа муниција, пиштол, автомобил, поголема сума пари во девизи и во денари и мобилни телефони.
Акцијата, како што соопштија од Јавното обвинителство, е реализирана по повеќемесечна предистражна постапка. Оттаму велат дека по поднесената кривична пријава од страна на МВР, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција донело наредба за отворање истражна постапка против 18 лица – петнаесетината уапсени и тројцата осомничени кои се во бегство и по кои сè уште се трага.
Според Обвинителството:
- Дванаесет осомничени се товарат за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори;
- Петмина за кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи;
- Едно лице, според дејствијата опишани во диспозитивот, се товари за двете кривични дела.
Првата од трите организирани криминали групи, според Обвинителството и МВР, броела осум члена, а на нејзино чело бил 23-годишниот А. Р., кој е и првоосомничен. Групата дејствувала во периодот од јули 2022 година до мај 2023 година, односно до нејзиното неутрализирање од страна на истражните органи. Главна активност ѝ била продажба на кокаин и марихуана, кои првоосомничениот ги набавувал од лица со потекло од Косово и Албанија.

„Првоосомничениот неовластено, заради продажба, ја купувал наркотичната дрога од НН лица по потекло од Косово и Албанија и ја криел на безбедни локации во с. Сингелиќ – Скопје. Потоа од седуммина осомничени организирал мрежа на препродавачи кои воспоставувале контакти со заинтересирани купувачи на наркотична дрога од Скопје, Велес и други градови и вршеле неовластена продажба на дрогата за сума од 4 500 денари до 6 000 денари за еден грам кокаин, од 200 денари до 300 денари за еден грам марихуана и од 1 000 денари до 1 500 денари за еден грам амфетамин. Парите од продажбата му ги предавале на првоосомничениот кој им давал процент од парите на ‘рака’“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.
Во истиот временски период, по идентичен модус операнди, функционирала уште една петчлена криминална група. Идентична ѝ била и понудата на наркотици што ги продавале – кокаин, хероин и марихуана. Дрогата ја набавувал деветтоосомничениот Б. А. во случајот, исто така од лица од Косово и Албанија и ја криел на безбедни локации.
„Потоа четворица од осомничените ги организирал како мрежа на препродавачи на кои им давал задачи да наоѓаат купувачи на наркотична дрога од Скопје и други градови. Откако ќе се договореле за видот, количината и цената на наркотичната дрога, деветтоосомничениот им давал задачи на останатите да ја пренесат наркотичната дрога од безбедна локација од село Арачиново до местата каде нелегално ја пуштале во промет – продавајќи ја на крајните купувачи“,
информираат од Обвинителството.
Оваа група била дел од поголема десетчлена организација, која освен трговијата со дрога, набавувала и оружје и муниција. Муницијата, односно куршумите ги набавувале од фирма, односно стрелиште, чиј сопственик и управител се меѓу осомничените. Организаторот на оваа група исто така бил осомничениот со иницијали Б. А.
„Деветтоосомничениот неовластено набавил огнено оружје автоматска пушка марка ‘калашников’ со калибар 7,62 милиметри од НН лице од Косово, а во повеќе наврати од двајца осомничени, кои се сопственик и управител на правно лице – стрелиште и кои нелегално продавале муниција набавена за потребите на стрелиштето, нелегално набавил поголема количина на муниција – куршуми, по цена од 40 – 45 денари за еден куршум и тоа: 800 куршуми калибар 7,65 мм, 300 куршуми калибар 7,62мм. По што за чие понатамошно држење и продажба ги ангажирал останатите осомничени на кои, откако претходно ќе најдел купувачи за оружјето, им давал инструкции да го донесат оружјето на претходно договорена локација и да го продадат на заинтересираното лице по цена од 1 000 евра, додека нелегално набавената муниција за цена од 70-75 денари за еден куршум. Од продажбата деветтоосомничениот за извршениот транспорт на огненото оружје исплаќал по 50 евра, додека пак останатите пари од нелегалната продажба ги задржувал за себе“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.
Петнаесет осомничени денеска, според Јавното обвинителство, ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје од кој се бара да им одреди мерка притвор.

„Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот од опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, на судијата на претходна постапка ќе му предложи определување на мерката притвор за сите осомничени“,
велат од Обвинителството.
Според Кривичниот законик, на осомничените за трговија со дрога им се заканува затворска казна од најмалку пет години затвор, додека за кривичното дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 3 од Кривичниот законик, е предвидена казна затвор од најмалку осум години.