Нема промени во здравствената состојба на британскиот премиер Борис Џонсон, изјавија два извори блиски до шефот на британската влада откако синоќа тој беше преместен на одделот за интензивна нега во болницата „Свети Томас“ по влошувањето на симптомите од коронавирусот.
Даунинг стрит 10 информира дека Џонсон добил кислород, а бил хоспитализиран како мерка на претпазливост по влошувањето на неговата здравствена состојба, објави Би-би-си.
Весникот „Гардијан“ денеска пишува дека според неговите соработници, на Џонсон му се влошила состојбата уште во четвртокот изутрина, кога неименуван извор рекол дека за премиерот е подготвен кревет во „Свети Томас“.
Џонсон (55), откако се утврди дека е позитивен на коронавирус, една недела помина во изолација во станот во Даунинг стрит.
Во четврток навечер Даунинг стрит соопшти дека Џонсон в петок нема да се врати на работа, како што се очекуваше, доколку и натаму има зголемена телесна температура.

Таа вечер Џонсон се појави пред вратата за да им аплаудира на здравствените работници. Во саботата навечер тој итно пренесен во болница, за само 90 минути подоцна Даунинг стрит да соопшти дека Џонсон е примен во болница поради одредени тестови, по совет на лекарите. Вчера околу 20:30 часот е соопштено дека Џонсон е примен на одделот за интензивна нега.
Даунинг стрит во меѓувреме ги негираше тврдењата на некои руски медиуми дека тој е приклучен на респиратор, оценувајќи ги како дезинформации.
Синоќа британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб, кој привремено ќе ги извршува обврските на Џонсон, повтори дека премиерот добро ја минал ноќта и е добро расположен, но „Гардијан“ оценува дека поради ненавремените и нецелосни информации може јавноста да ја изгуби довербата во властите.
Раб синоќа потенцираше дека британската влада ќе продолжи да ги спроведува плановите на Џонсон со цел да се победи епидемијата на коронавирусот.
Велика Британија нема формален план за тоа кој го менува премиерот доколку тој не е во состојба да ги извршува обврските, но Даунинг стрит најави дека Раб ќе ги води владините седници, како и другите активности за кои бил одговорен премиерот.
„Работата на владата ќе продолжи. Премиерот е во сигурни раце… а фокусот на владата и натаму ќе биде да се спроведат насоките на премиерот Џонсон, да се спроведат сите планови усвоени за борба против коронавирусот и минување на државата низ ова искушение“, изјави синоќа Раб.
Пораки со поддршка
Во меѓувреме, светските челници изразуваат желби за што побрзо закрепнување на Џонсон.
„Испраќам најтопли поздрави за добриот пријател, пријател на нашата нација, премиерот Борис Џонсон. Многу сме тажни што е преместен на интензивна нега. Сите Американци се молат за него. Тој е силен и одлучен и не се предава“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
„Ја испраќам сета своја поддршка за Борис Џонсон, неговото семејство и британскиот народ во овој тежок момент. Му посакувам брзо да го преброди ова тешко искушение“, порача францускиот претседател Емануел Макрон.
Слична порака упати и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„Моја солидарност и желби за брзо закрепнување на премиерот Џонсон. Ова се тешки денови за нашите земји, но со сила и единство – ќе победиме“, напиша шпанскиот премиер Педро Санчез.
„Италијанците се со Британците во овој тежок период. Сите за еден. Оздрави брзо, Борисе!“, напиша на Твитер италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо.
„Моите мисли се со премиерот. Биди силен и оздрави брзо“, посака генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.