Некогаш ќе кажат дека некој се пошегувал, но дека тоа не е насилство. Меѓутоа, доколку ги прашаме како се почувствувале во тој момент, велат дека не им било пријатно и дека ако тоа се случува повеќе од двапати во неделата, не сакаат да одат утре во училиште. Тука некаде треба да го вклучиме алармот, којшто треба да ни покаже колку треба да работиме со нашите деца, вели Софија Георгиевска, професорка на Филозофскиот факултет која е дел од тимот што работеше на истражувањето
Триесет и седум отсто од децата во училиштата во земјава велат дека не се чувствуваат безбедно во училиште, а 24 отсто од учениците велат дека се жртви на физичко насилство. Дваесет и седум проценти од децата, пак, не знаат како и кому да соопштат оти се жртви на насилство, а често не знаат ниту да го идентификуваат самото насилство.
Ова го покажуваат резултатите од научно-истражувачкиот проект „Безбедноста во училиштата“ реализиран од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, заедно со тим на професори од Филозофскиот факултет.
„Пред десетина години имавме деца кои можеби не го препознаваа или во помал број го идентификуваа насилството, иако тогаш воопшто не зборувавме за дигитално или сајбер-насилство. Денес можам да кажам дека дигиталното насилство е едно од најчестите проблеми со коишто младите или децата се соочуваат. Тоа што за мене е фрапантен податок е дека 37 отсто од децата истакнуваат дека секојдневно не се чувствуваат убаво и безбедно во училиште“,
изјави Софија Георгиевска, професорка на Филозофскиот факултет која е дел од тимот што работеше на истражувањето.

Додаде дека децата не секогаш знаат да го препознаат и идентификуваат насилството.
„Некогаш ќе кажат дека некој се пошегувал, но дека тоа не е насилство. Меѓутоа, доколку ги прашаме како се почувствувале во тој момент, велат дека не им било пријатно и дека ако тоа се случува повеќе од двапати во неделата, не сакаат да одат утре во училиште. Тука некаде треба да го вклучиме алармот, којшто треба да ни покаже колку треба да работиме со нашите деца“,
вели Георгиевска.
Уште поголем аларм, според професорката Георгиевска, е тоа што 27 отсто од децата немаат кому или не знаат како да соопштат оти се жртви на насилство. Нагласи дека родителите, наставниците и стручните служби во училиштата се оние коишто први треба да разговараат со децата и да им овозможат да кажат како се чувствуваат.
„Дваесет и седум е огромна бројка којашто ни вели ‘јас се чувствувам лошо, а не знам каде да го кажам тоа’“,
вели Георгиевска.
Целта на овој проект, како што информираа од УКИМ, е подобрување на севкупната и личната безбедност на учениците во образовно-воспитните установи, како и намалување на сите облици на насилство меѓу учениците.
Со проектот се опфатени над 2 000 ученици од основни и средни училишта на територијата на Скопје и во државата.