Од страна на МВР веќе се анализираат неколку тикток-видеа објавени од ученици и ако се процени дека тие се несоодветни за детска возраст тогаш заедно со Министерството за информатичко општество, Агенцијата за електронски комуникации и со другите институции ќе се разгледаат сите можности за ограничување на начинот на употреба на Тик-ток како апликација, посочува Шаќири

Министерството за образование и наука ќе има состаноци со надлежни институции кои треба да проценат кои се ризиците од употребата на социјалната мрежа Тик-ток за учениците за да се донесе заклучок дали треба да се ограничи нејзиното користење.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири најави дека за безбедноста во училиштата ќе се одржат интензивни состаноци со вклученост на педагози, психолози и родители, а од септември ќе има и прирачници и протоколи со мерки.
„Денес ќе продолжиме со состаноците со институциите кои треба да проценат кои се потенцијалните ризици од употребата на социјалната мрежа Тик-ток, какви материјали има конкретно на неа и за начинот на употреба од страна на учениците во основните и средните училишта“,
вели Шаќири.
Тој најави дека од страна на МВР веќе се анализираат неколку тикток-видеа објавени од ученици и ако се процени дека тие се несоодветни за детска возраст тогаш заедно со Министерството за информатичко општество, со Агенцијата за електронски комуникации и другите институции што се во доменот на функционирање на Тик-ток ќе се разгледаат сите можности за ограничување на начинот на употреба на Тик-ток како апликација.
„Ако можеме од институциите кои се во делот на информатичкото општество да имаме конкретни ограничувања за начинот на отворање, потврда на податоците и нивно внесување, мислам дека ќе ги разгледаме сите можности затоа што, не само во нашата туку и во други земји од регионот се размислува за препораки во однос на овие содржини“,
рече Шаќири.
Министерот рече дека сите институции, како министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика и секторите за образование по општини, треба да се координираат и да разменуваат информации.
„Ќе се разгледува и како стоиме со кадарот – психолози, педагози. Во некои основни и средни училишта има по двајца, но бројот на ученици е различен. Ќе имаме анализа за тоа што може да придонесе севкупниот број на стручниот кадар во училиштата – основни или средни, и тие заедно да соработуваат во препораките. Според информациите што ги добивам, некои од училиштата почнаа со редовни состаноци, итни состаноци, состаноци со родители. Покрај со класните наставници, ќе почнат состаноци и со психолози и педагози, кои досега постапуваа само во случај на пријавување на некој ученик“,
рече Шаќири.
Шаќири најави дека ова засега се првични мерки, а од новата учебна година ќе има и конкретен протокол.
„Очекувам од септември да имаме повеќе протоколи, повеќе прирачници. Имаме едно упатство што е за основните училишта, ќе видиме да го разгледаме тоа упатство и за средните училишта, ќе ја разгледаме воспитната програма, работата на центрите за социјална работа“,
додава министерот за образование и наука Јетон Шаќири.