Според Зоран Ангеловски, дигиталниот систем треба целосно ќе ја замени размената на документи поврзани со следењето на комуникациите во хартиена форма со затворени пликоа и курири. Целта е да не постои можност за грешки и злоупотреби
Дигиталниот систем за создавање, чување, обработка и пренос на класифицирани информации поврзани со иницирањето и издавањето наредби за прислушување е веќе функционален, потврди во емисијата „360 степени“ на ТВ „Алсат“ директорот на Оперативно-техничката агенција (ОТА), Зоран Ангеловски.
Тој систем ја заменува актуелната размена на документи меѓу институциите во хартиена форма со затворени пликоа и курири.
Ангеловски вели дека извесен период чекале на акредитација на системот и дека тој е тестиран во разни околности со сите чинители вклучени во процесот.

„Поминати се соодветни обуки за корисниците да можат на правилен начин да го користат системот. Целта беше целокупниот процес да се дигитализира и да се заокружи една целина затоа што досега недостакот беше тоа што наредбите во ОТА стигаа во писмена форма. Најчесто имавме проблеми со грешки во креирањето на т.н. елај број (LI ID). Со законот е предвидено наредбата да има свој идентификациски број без кој не може да се активира мерката. Тој идентификациски број е, на некој начин, алгоритам. Ние доаѓавме во ситуација да ги доведеме судиите во ситуација да креираат алгоритам кој треба да ги опише сите субјекти во процесот за да може да го добиеме како број поврзник за да може мерката да се активира и тука настануваа грешки“,
вели Ангеловски.
Ангеловски потврдува дека сето ова значело губење време, креирање обемна документација, а на терен губење докази.
Системот не е врзан на интернет, а е дигитален.
„Се работи за прв ваков систем направен во Република Македонија. Во фазата кога го замислувавме проектот, како би можеле да го направиме целиот да биде поефикасен и ОТА да биде подигитализирана во делот на целокупниот процес, проектот го однесовме во Брисел, во НАТО. Тука морам да се заблагодарам на соработката во НАТО која произлегува како резултат од нашето членство во Алијансата. Добивме помош од нивните експерти во начинот на кој беше замислен и креиран целиот систем. Тоа е еден ситем во кој нема учество на операторот, значи ова е систем кој не е воопшто поврзан на интернет. Целокупната динамика на вклучување во системот ја контролира ОТА. Тоа е првото ниво на заштита. Има уште неколку нивоа на заштита“,
вели тој.

Според Ангеловски, направен е виртуелен простор (облак – клауд) во кој се чуваат сите податоци и сето она што се случува во системот што е многу важно од аспект на надзор и контрола. Првпат во Македонија е импелемтирана крипто-заштита на квантно ниво што е најнов тип од таа техника.
„Целта беше да овозможиме безбедна околина за која речиси и да не постои начин да биде разбиена. Во неа имплементиравме апликација која целиот овој процес, кој се одвива меѓу институции инволвирани во следење комуникации, го олеснува“,
рече Ангеловски.
Поедноставено кажано, размена на документи во хартиена форма при иницирање и одобрување на ПИ-мерка за следење на комуникациите веќе нема да има. Системот е развиван заедно со инволвираните институции за да биде комплетно дигитализиран, а со тоа да се избегнат грешките што инаку може да се случат.
„Во апликацијата се поставени сите неопходни алатки што треба да ги имаат чинителите во процесот почнувајќи од законите, ги има сите членови од законот што можат да послужат како основ за активирање на мерката, сите обрасци кои се потребни да се генерираат во целиот процес кои досега се правеа на хартија, сега се исто така ставени во апликацијата. Со еден збор, целиот процес е максимално забрзан и максимално безбеден“,
вели тој.
Прашан дали има ризици од злоупотреби, Ангеловски одговори дека се сведени на минимум.
„Злоупотребите во овој ситем се буквално невозможни да се направат, нема начин било што да се промени внатре, сите податоци се крипирани соодветно и нема начин на кој може неовластено да се пристапи до нив. Оттука злоупотребата е речиси невозможна. Она што е најважно за нас во ОТА е дека сето ова многу ги олеснува надзорот и контролата. Ние сме сега во ситуација да ѝ понудиме на парламентарната комисија за надзор врз следење на комуникациите нивниот експерт да може брзо и лесно да пристапи во системот во ОТА и за речиси 15 минути да провери дали е сè во ред, да ги провери сите логови согласно Zаконот за следење на комуникации“,
смета Ангеловски.
Инаку, ОТА е една од новоформираните институции со реформата во безбедносно-разузнавачкиот систем и во неа се пресели опремата за следење на комуникациите од расформираната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК).