Одговарајќи на новинарско прашање за инцидентот во галеријата, портпаролот на грчката влада Акис Скерцос рече дека Грција нема толеранција ниту за нацистичките паравоени групи – термин кој во Грција се користи за организираните групи на „Златна зора“.
Претходно денеска дописникот на МИА од Атина јави за инцидентот во галеријата на општината Каламариа во Солун, каде што во тек е изложбата на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски. Во галеријата упаднале членови на групата „Златна зора“, која од некогашна парламентарна партија во 2020 г. со одлука на грчкиот суд е прогласена за криминална организација
Грција нема да толерира беззаконие и заплашување на граѓаните – гласи изјавата на портпаролот на грчката влада Акис Скерцос, откако група членови на „Златна зора“ со маски на лицата, капи и качулки упаднаа во галеријата на солунската општина Каламариа, каде што во тек е изложбата на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски.

Одговарајќи на новинарско прашање за инцидентот во галеријата, портпаролот на грчката влада рече дека нема толеранција ниту за нацистичките паравоени групи – термин кој во Грција се користи за организираните групи на „Златна зора“. Од некогашна парламентарна партија, „Златна зора“ во 2020 година е прогласена за криминална организација со одлука на грчкиот суд.
„Не постои никаква толеранција за т.н. паравоени нацистички групи, никаква толеранција за беззаконието, никаква толеранција за заплашувањето на граѓаните“,
кусо одговори Скерцос.
Претходно денеска дописникот на МИА од Атина јави за инцидентот во галеријата на општината Каламариа во Солун каде што во тек е изложбата на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски.
Во видеоснимка објавена од т.н. „Фронт на подмладокот – Златна зора“ се тврди дека „Златна зора“ ја запечатила скопската изложба во Каламариа и дека нејзините членови не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“, а дека со изложбата на Андреевски станува збор за „очигледен потсмев и навреда на националното чувство на Македонците“ и дека тие морале да интервенираат и пред сè да испратат порака до грчките власти дека „ваквите провокации не остануваат без одговор“.
Во врска со инцидентот денеска реагираа од македонското Министерство за надворешни работи (МНР), од каде што посочија дека Генералниот конзул на С Македонија во Солун и Амбасадата во Атина веднаш стапиле во контакт со надлежните органи на Грција, а за случајот е информирано и грчкото МНР.
Во просториите на македонското МНР, како што информираа оттаму, денеска е повикана и грчката амбасадорка во земјава, Софија Филипиду, на која формално ќе ѝ бидат упатени очекувањата дека ќе бидат преземени сите мерки од страна на властите во Грција за откривање на сторителите.
Според МНР, инцидентот се случил синоќа кога маскираната група упаднала во галеријата за време на изложбата и се обидела да ја прекине однесувајќи се непристојно и вулгарно. За среќа, инцидентот поминал без физичко насилство или нанесена материјална штета, а поради вербалните закани била повикана полиција.
Членови на „Златна зора“ во периодот од 2012 до 2019 година беа дел од грчкиот парламент, но во 2020 година со судска пресуда, партијата е прогласена за криминална организација, а нејзиното раководство, поранешни пратеници и членови издржуваат затворски казни.
Изложбата „Неизложени дела на хартија“ на македонскиот сликар Сергеј Андреевски беше свечено отворена минатиот петок во Солун. На отворањето беа присутни голем број посетители, а уметникот, пренесувајќи ги своите впечатоци за МИА, вчера изјави дека уметноста не познава граници и дека нејзиниот јазик е универзален.