На оваа мисија на претставниците од Бернската, Рамсарската и УНЕСКО-конвенцијата гледаме како на можност претставници на надворешни неутрални институции врз основа на ставови на различни засегнати страни, како и на теренски посети да дадат реална независна проценка на состојбата со природното наследство на Охридското Езеро и Националниот парк „Галичица“ – кандидати за Емералд-подрачја, вели министерката Шукова

Меѓународните експерти кои ќе ја скенираат состојбата со заштитата на културното и природното богатство на Охридскиот регион се дојдени во земјава.
Мисијата, предводена од извршниот секретар на Бернската конвенција, Микаел Путиерс, утре и задутре ќе ја продолжи посетата на Националниот парк „Галичица“, општините Охрид и Струга. Експертите ќе имаат и теренска посета на Студенчишко Блато, областа кај Свети Наум и охридското и струшкото крајбрежје.
Посетата на експертите е последица на жалбата на невладината организација „Фронт 21/42“, за заканите врз Галичица и Охридското Езеро, а врз чија основа Бернската конвенција во 2021 отвори случај.
Претставниците на Бернската конвенција денеска имаа средба со министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, која од нив очекува реална независна процена на состојбата со природното наследство на Охридското Езеро и НП „Галичица“ и применливи препораки за нивно одржливо управување.
Со експертите од Бернската конвенција има дојдено и претставници на Конвенција за заштита на водните живеалишта со меѓународно значење, особено за живеалиштата на водните птици (Рамсарска конвенција) и Конвенција за заштита на светското културно и природно наследство (УНЕСКО).
Министерката Шукова пред претставниците од УНЕСКО, Бернската и Рамсарската конвенција ги презентираше активностите на Министерството и напредокот во секторот природа, како и активностите преземени согласно забелешките на Секретаријатот на Бернската конвенција.
„На оваа мисија на претставниците од Бернската, Рамсарската и УНЕСКО-конвенцијата гледаме како на можност претставници на надворешни неутрални институции, врз основа на ставови на различни засегнати страни, како и на теренски посети, да дадат реална независна проценка на состојбата со природното наследство на Охридското Езеро и Националниот парк ‘Галичица’ – кандидати за Емералд-подрачја“,
рече Шукова.
Очекувањата на министерката Шукова се дека проценката ќе рефлектира со применливи препораки на постојниот Комитет на Бернската конвенција во однос на утврдување на живеалиштата и дивите видови кои можат да бидат афектуирани од антропогени активности, како и препорака за мерки и активности за намалување на овие влијанија согласно постоечката состојба.
„360 степени“ пред еден месец ја најави посетата на меѓународните експерти кога пишувавме за состојбата со Охридскиот Регион кој е на крстопат меѓу светско и загрозено наследство на УНЕСКО.
На почетокот на февруари 2023 година македонската Национална комисија за УНЕСКО го достави извештајот во кој земјава треба да ги убеди Обединетите нации дека презема сериозни чекори за да го заштити Охридскиот Регион, а со тоа и неговиот статус како светско културно наследство.
Одлуката ќе биде донесена на самитот на УНЕСКО во Ријад, Саудиска Арабија, каде што повторно ќе знае дали Охридскиот Регион ќе стане светско културно наследство во опасност.
Невладиниот сектор и познавачите на состојбата со Охридскиот Регион сметаат дека нема видлив напредок, иако по двете реактивни мисии на УНЕСКО во Охрид беа дадени листи со итни препораки. Комуналните проблеми, урбанистичкото планирање, справувањето со отпадот, третманот на отпадните води се областите во кои требаше да се работи за да се исполнат препораките од УНЕСКО, но досега, како што велат познавачите на состојбата во Охридскиот Регион, ситуацијата е статус кво.
Невладините се надеваат дека Охрид конечно ќе биде ставен на листата светско културно наследство во опасност бидејќи очекуваат само тогаш државата сериозно да се посвети на проблемот.