Штрајкот ќе продолжи и сите процеси што се во надлежност на Државниот испитен центар ќе бидат стопирани, а доколку состојбата на штрајк трае подолго од една недела тоа би значело невозможност да се спроведат државната матура, меѓународните тестирања кои во овој момент се спроведуваат, испитот за директори на училишта, приправничките испити за сите наставници, најавуваат од Државниот испитен центар

Вработените во Државниот испитен центар го продолжија генералниот штрајк кој го почнаа вчера и најавија дека тој ќе трае сè додека не им се исполни барањето, а тоа е покачување на платите, односно добивање согласност на барањето за изменување и дополнување на колективниот договор кое го испратиле до Министерството за финансии.
„Нашите плати беа заборавени со покачувањето на минималната плата на двапати веќе. Се покачија само платите на оние што беа со најниска позиција, односно минималците и веќе дојдовме во ситуација кога имаме изедначување на платите на повеќе од 11 лица од 29 вработени во ДИЦ. Платите се речиси изедначени од службата за обезбедување и на некој што е нешто под советник. Основната советничка плата е 26 000 денари“,
рече Емилија Бошковска, претседател на Синдикалната организација на Државниот испитен центар на денешната прес конференција.
Бошковска рече дека штрајкот ќе продолжи и сите процеси што се во надлежност на Државниот испитен центар ќе бидат стопирани, а доколку состојбата на штрајк трае подолго од една недела тоа би значело невозможност да се спроведат државната матура, меѓународните тестирања кои во овој момент се спроведуваат, испитот за директори на училишта, приправничките испити за сите наставници.
„Се надеваме дека во најскоро време ќе добиеме позитивен одговор бидејќи не е само државната матура туку има процеси кои се врзани со рокови и кои имаат застој извесен период. Се обидуваме да ги постигнеме сите, но навистина станува збор за сензитивна работа. Тука работат многу малку луѓе, а тераат клучни процеси на ниво на цела држава и секој од нив е важен и важно е да биде стимулиран. Трпиме притисоци од секаков аспект и треба да добиеме надомест за достоинствен живот“,
рече Бошковска.
Таа додаде дека веќе имаат доставено барање до Министерството за финансии, но официјален одговор сè уште не добиле.
„Упативме барање до Министерството за финансии, направивме измена на колективниот договор бидејќи нашата институција зема плата преку поединечен колективен меѓу работодавачот и вработените. Измената што ја направивме е што ја внесовме минималната плата во тој колективен и тоа е тоа што недостасуваше и се уште не добивме позитивен одговор за согласност за покачување на платите. Кога би влегла таа минимална плата би имале и линеарно покачување на платите кое досега не го добивме“,
рече Бошковска.
Покачувањето што го бараат вработените во Државниот испитен центар не смее да биде помалку од 30 отсто.
„Не можевме да побараме 30 отсто фиксно покачување бидејќи поради тоа што немавме линеарно покачување претходно ни се изедначија платите. Беше направен нов колективен договор каде што би добиле разлика меѓу работните позиции“,
рече Бошковска.
Синдикалната организација на Државен испитен центар како членка на ССМ денеска доби поддршка за штрајкот.
„Од септември кога се покачи минималната плата овие луѓе не добија никакво покачување, а и сега кога имаше покачување на платите тие останаа без тоа. Од тогаш се бараат начини како да им се помогне. Владата не најде сила да им излезе во пресрет на нивните барања. Ќе се повикам на изјавата на министерката за труд и социјална политика која рече дека сите оние кои имаат колективни договори, кои се потпишани и кои се на сила ќе се почитуваат и ќе се постапи во согласност со нив. Апелирам барем линеарно да ги добијат тие покачувања за да не дојде до револт и да има последици“,
рече Гоце Седлоски, претставник и член на Претседателството на ССМ.