Директорот на Државниот пазарен инспекторат вели дека сите што вршат нерегистрирана дејност ќе одговараат по законите за кои е надлежен ДПИ, а најави и одземање на производите

Секој што ќе ги прекрши законите ќе одговара без селекција бидејќи никој не е над законот, рече директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски при денешната акција на Инспекторатот на Кванташкиот пазар во Скопје.
„Сите акции ќе продолжат интензивно и нема да застанат на цела територија. Утврдено е дека на Кванташкиот пазар, а и низ цело Скопје и на цела територија, се лоцирани нерегистрирани трговци на мало. Сите што вршат нерегистрирана дејност ќе одговараат по законите за кои е надлежен ДПИ. Постапуваме по законот за трговија. Денеска одиме по друг принцип, ќе има и одземање на производите, по законите за кои сме надлежни“,
нагласи Трајковски во изјава за МИА.
Трајковски вели дека системот мора да профункционира, во интерес на сите.
„Никој не може да манипулира со населението. Системот ќе функционира по сите закони. Она што е увидено деновиве при контролите е дека се појавуваат покрај увозниците и нерегистрирани трговци кои вршат дејност, по законот за трговија, а на кои ќе им бидат одземени производите“,
додава Трајковски велејќи дека има трговци кои се обидуваат да ги манипулираат законите и граѓаните.
Над 30 инспектори на Државниот пазарен инспекторат денеска се на Кванташкиот пазар во Скопје каде што вршат контрола на трговците со овошје и зеленчук.
„Кај увозниците на овошје и зеленчук се контролира почитување на одлуката на Владата за дистрибуција и продажба на најмалку 70 отсто од количествата што ги испорачувале во јануари и февруари. Се вршат контроли и кај сите други субјекти на Каванташки за регистрирана и нерегистрирана дејност“,
велат од ДПИ.
Акцијата на инспекторите ќе трае во текот на целиот ден, а потоа, како што најавуваат од ДПИ, ќе излезат со информација за наодите кои биле откриени и дали има казнети трговци.
Акцијата на инспекторите на ДПИ се врши во координација со тимови Управата за финансиска полиција, Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за одземен имот.
Согласно Законот за трговија, казните за увозниците, зависно од нивната големина, доколку се утврди непочитување на владините одлуки, се движат 800 до 10 000 евра, додека за нерегистрирана дејност покрај паричната казна е предвидено и одземање на стоката.
На предлог на Министерството за економија, Владата донесе одлука трговците и увозниците кои продаваат овошје и зеленчук да прибавуваат и да продаваат 70 отсто од количествата што ги продавале во јануари и февруари.