Од каде да се евакуираат? На тој аеродром нема каде да се слета. Се пука насекаде. Три пати објавуваат примирје до кое не се придржуваат, вели почесниот конзул на Србија во Судан

Евакуација од главниот град на Судан, Картум, каде што од саботата траат жестоки битки меѓу војската и паравоените сили, бараат и 23 српски државјани, но шансите тие да бидат извлечени од оваа земја во моментов се нула, вели за телевизијата Н1, почесниот конзул на Србија во Судан, Ахмед Муфти.
Муфти гостуваше во српската телевизија веднаш по состанокот во Министерството за надворешни работи каде што е формиран кризен штаб во кој се разгледуваат можностите за евакуација на српските државјани.
„Ги разгледуваме сите можности да ги евакуираме нашите државјани во соработка со другите амбасади и дипломатски претставништва. Во контакт сме со Обединетите нации, Европската Унија, за кога тие ќе го евакуираат својот персонал, да бидеме вклучени и ние“,
рече почесниот конзул на Србија во гостувањето на Н1.
Тоа засега, нагласува тој, е невозможна мисија. Аеродромот во Картум е целосно уништен и кон него се пука веќе петти ден по ред постојано.
Муфти посочува дека странците, меѓу кои и српските државјани, генерално живеат во околината на аеродромот кој, пак, се наоѓа во центарот на градот. Во таа област пет дена траат борбите, нема ниту вода ниту струја, а се трошат и резервите со храна, но и горивото за генераторите за струја.
На прашање кој би можел да организира евакуација, конзулот одговара: „Никој“. Тој потсетува дека Судан го затворил воздушниот простор на 15 дена со закана дека ќе се урне секое летало што ќе ја прекрши забраната и ќе се обиде да прелета преку суданското небо.
„Од каде да се евакуираат? На тој аеродром нема каде да се слета. Се пука насекаде. Три пати објавуваат примирје до кое не се придржуваат“,
нагласува Муфти.
Жестоките борби во Судан се водат меѓу суданската армија, на чие чело е генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, и паравоените сили за брза поддршка (РСФ), предводени од генералот Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемедти.
Ова се први вооружени судири откако двајцата генерали претходно ги здружија силите за да го соборат диктаторот Омар Хасан ал-Башир во 2019 година.
Силите за брза поддршка и суданската војска се натпреваруваат за моќ додека политичките фракции преговараат за формирање преодна влада по воениот удар во 2021 година.
Во меѓувреме, по соборувањето на Ал-Башир со Судан управува Советот на генерали.