Во 2014 година владата на Никола Груевски предложи нов државен грб кој во централниот дел би имал црвен лав на златно-жолта позадина во форма на штит, а во горниот дел би имало круна во форма на тврдина. Предлогот тогаш доби поддршка и од ДУИ. Враќањето на овој предлог, според универзитетскиот професор и експратеник Александар Спасеновски, би можело да биде креативно решение со кое би можел да се обезбеди консензус за уставни измени
За да се дојде до потребното двотретинско мнозинство за уставни измени, според универзитетскиот професор по политички систем и поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Спасеновски, политичарите треба да се осврнат на креативни решенија.
Станува збор за решенија со кои, според него, би се антиципирале стравовите на оние што се противат на уставните измени и со кои ќе се овозможи нивна поголема идентификација со уставноправниот политички систем во државата. Еден таков пример, кој Спасеновски го споменува, е враќање на дебатата за промена на државниот грб според предлогот од 2014 година.
Тоа, според него, би било и во светло на декларираната заложба на Владата за унапредување на единството.
„Можеби треба да се антиципираат овие стравови на поголемиот дел на граѓаните кои опонираат на уставните измени и да се размислува креативно во оваа насока. Да се најдат решенија кои ќе овозможат поголема нивна идентификација во рамки на Уставот или во рамките на уставноправниот, на политичкиот систем на Република Македонија. Во минатото имаше такви заложби на дел од опозициските партии. Можеби враќањето на старата дебата некаде од 2014-2015 година за менување на актуелниот државен грб на државата, нешто што како проект беше започнато од минатата влада, беше обезбедена согласност од ДУИ, е еден од начините како да се овозможи земање предвид на интересите, на заложбите, на најголемиот дел од конзервативниот дел од државата, но истовремено да се најде начин како резултат на таквата отстапка/решение да се дискутира со опозицијата и да се обезбеди нејзина согласност околу текстот на уставните измени“,
рече Спасеновски вечерва во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител.
Тој вели дека според моменталното расположение за уставните измени, веројатно поблиску сме до избори, но сепак смета дека има време за да се најде креативно решение.
„Веројатноста дека ќе бидат неуспешни овие уставни измени е извесна, не е мала. Зошто го велиме тоа? Поради распоредот на силите и начинот на кој се одвива дебата. Во таа смисла, веројатно сме поблиску до она решение дека претходно ќе има избори, пред да се случат уставните измени што претставува заложба на опозицијата. Од друга страна, сметам дека сè уште постои простор да се изнајде некое креативно решение во кое ќе бидат земени предвид стравовите на опозицијата од една страна, меѓутоа, од друга страна, истовремено ќе се постапи одговорно како власт и политички структури кои имаат за цел да ја интегрираат државата во ЕУ и, на некој начин, во тие политички лавиринти ќе се успее да се заштитат од една страна вредностите кои им се важни на граѓаните, или би се унапредиле на некој креативен начин како што споменавме, а од друга страна, нема да се загрози европската перспектива на Република Македонија“,
вели професорот.
Спасеновски, во вечерашното телевизиско гостување, неколкупати нагласи и дека треба да се искористи моментот бидејќи ако до пред некоја година се зборуваше за измореност од проширувањето и имаше затворени врати од ЕУ, од февруари лани, односно од почетокот на руската инвазија во Украина, има нови ветришта и отворени врати од страна на Европа.
Идејата за промена на државниот грб која вечерва ја спомена универзитетскиот професор на ТВ Сител, потекнува од 2014 година кога владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски излезе со таков предлог.
Станува збор за црвен лав на златно-жолта позадина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина. Меѓу објаснувањата на тогашната власт беше дека Македонија и Белорусија биле единствени во Европа што имаат државен грб инспириран од советската хералдика.
Тогаш ДУИ се согласи на ваков државен грб, нагласувајќи дека лавот е дел и од албанската традиција, а го има и во грбот на градот Тирана. Круната, пак, рекоа, го претставува Скопското кале.
„Лавот е прифатлив да биде во центарот на државниот грб. Прво, затоа што како хералдика е застапен на грбовите на многу стари и големи албански семејства, впрочем, лавот го има и во грбот на градот Тирана. Второ, прифатлива е и круната, бидејќи го одразува старото Скопско кале“,
рекоа тогаш од ДУИ.