Владата на ДУИ и СДС и резервниот премиер Димитар Ковачевски повторно посегнуваат по лаги не знаејќи како да се покријат за очигледните нечесни намери во договорот со „Бехтел и Енка,“ обвини на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски. Тој тврди дека власта повторно повторува дека трасата за автопатот Кичево-Охрид била згрешена и дека проектот бил направен во 2013 година, а до денес, според него, не е направена никаква промена.
„Трасата за автопатот Кичево-Охрид е избрана во периодот 2002 година, кога со Агенцијата за државни патишта управува кадар на ДПА, сегашен коалициски партнер на СДС. Основниот проект за изградба на автопатот Кичево-Охрид е изработен од проектантот ‘Маврово’ (Прима инженеринг), ЗИМ (Завод за испитување материјали) и ‘Балкан консалтинг’ во 2003/2008/2009 година. Основниот проект е ревидиран во 2014 година од страна на Градежниот факултет во Скопје, а делови од ревизијата се правени и многу порано при изработката на проектите. Во 2013 и 2014 година од страна на Градежниот факултет во Скопје е изработен и т.н. инфраструктурен проект за автопатот Кичево-Охрид, што е проект за тоа на кои парцели и каква инфраструктура има на трасата и врз основа на кој се врши експропријација на земјиштето. Сосема нормално е што во текот на градбата вакви големи проекти да се надополнуваат поради промена на терен и јавување нови градби“
рече Стоилковски.
За споредба, Стоилковски го посочува автопатот Миладиновци-Штип кој е долг 47 км, а проектот за автопатот Кичево-Охрид е долг 57 км. Во меѓувреме, како што вели тој, предвидениот автопат Кичево-Охрид имаше вредност од 374 милиони, а го доведоа до над 600 милиони евра.
„ДУИ и СДС не знаат како да реализираат автопат кој им беше предаден 50 отсто завршен, за кој постои целосен ревидиран главен проект, за кој постои обезбедено финансирање со каматна стапка од 2 отсто, каде што надзорот го прават двете најголеми и најискусни надзорни компании од Македонија и каде што договорот транспарентно беше усвоен во Собранието на Република Македонија. Единствена причина поради која не се завршува автопатот Кичево-Охрид е неспособноста на Владата на ДУИ и СДС“,
додава тој.
Според партискиот портпарол, ДУИ и СДС пројавуваат амбиција да водат уште поголем автопатски проект, неколкупати поголем од автопатот Кичево-Охрид, каде што сè уште нема изработено главни проекти, каде сè уште не е обезбедено надворешно финансирање, каде што надзорот ќе го врши фирма со искуство во текстилна индустрија и со договор што се крие од јавноста.
„И врв на сè, со овој мегапроект треба да раководи министер (вицепремиер) од ДУИ, кој од градежништво знае како да купува дуќани во центарот на Скопје и хотели на Попова Шапка по багателни цени. Но, затоа цените на автопатот според она што самите го објавија се највисоките во регионот по должен километар. Понижувањето што СДС му го прави на македонскиот народ нема граници. Наместо со проектот да раководи Министерството за транспорт и врски, кое е надлежно министерство за оваа област, целиот проект се дава во рацете на ДУИ, на првиот натпремиер Груби и на директорот на ЈПДП, кадар на ДУИ“
рече Стоилковски.