Искрено веруваме дека МЛД, конечно, ќе собере сили да ја препознае важноста на тоа што го правиме и ќе додели признание и на експертскиот тим кој од 2018 година во континуитет успешно спроведува несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки, велат од Здружението за хематологија на Македонија

Тимовите од Клиниката за хематологија и од Институтот за имунологија и хумана генетика сметаат дека и тие, како и нивните колеги што ја изведоа првата кадаверична црнодробна трансплантација во нашата земја, заслужуваат идентичен третман од домашниот еснаф и признание за нивната работа од Македонското лекарско друштво (МЛД).
Во соопштението од Здружението за хематологија во кое се упатуваат честитки до колегите за наградата од МЛД, се наведува дека тим од Клиниката за хематологија последните пет години ја спроведува најсофистицираната хематолошка интервенција која е веќе рутинска процедура и спасува десетици животи годишно – несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки.
„Нашите резултати и постигања се препознаени и валоризирани од САД, кои ни доделија грант за подигање на просторните услови со цел да прераснеме во регионален трансплантациски центар. Искрено, веруваме дека МЛД, конечно, ќе собере сили да ја препознае важноста на тоа што го правиме и ќе додели признание и на експертскиот тим кој од 2018 година во континуитет успешно спроведува несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки“,
пишува во соопштението.
Реакцијата на членовите на тимовите од Клиниката за хематологија и од Институтот за имунологија и хумана генетика доаѓа откако МЛД му додели признание на медицинскиот тим што ја изведе првата кадаверична црнодробна трансплантација.
„Тоа е огромен успех за сите професионалци кои се вложија себеси и им овозможија услуга повеќе на пациентите со терминални црнодробни болести, кои досега немаа опција за лекување, да добијат можност за продолжување на животот во рамките на македонското јавно здравство. Ова е огромен успех и чекор напред не само за нив, туку дава нова перспектива на јавното здравство во Република Северна Македонија во целина. Нивниот успех, сосем заслужено, е награден годинава од Македонското лекарско друштво (МЛД). Додадена е уште една во низата успешни приказни во последните пет години на полето на трансплантација во нашата земја. Да се потсетиме, минатите години беа наградени и тимовите кои успешно повеќе години наназад трансплантираат бубрези, како и оние што ја спроведоа првата успешна трансплантација на срце“,
се наведува во соопштението од Здружението за хематологија.
Од Здружението, на крај порачуваат дека тие се тука да им служат на пациентите и дека ќе продолжат со истата посветеност и радост и натаму да им помагаат.