Предлог-измените во Законот за работни односи, кои се дел од пакетот измени во осум закони поврзани со проектот со „Бехтел и Енка“, се спротивни на Европската социјална повелба што ја има прифатено земјава – вели Гоце Коцевски, програмски директор во Македонското здружение на млади правници, гостувајќи во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.

„Нејасно е како при толку јасно образложено решение на Уставниот суд со кое беше укинат член 12 од основниот закон од 2021 година, сега повторно се предлагаат измени со кои треба да се овозможи зголемување на прекувремените часови работи, без притоа да се одреди горна граница“,
рече тој.
Во предлог-измените на Законот за работни односи, меѓу друго, пишува:
„(8) По исклучок од ставовите (1), (2) и (7) на овој член прекувремената работа може да трае и подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.“
Европската социјална повелба на Советот на Европа, која е суштинско дополнение на Европската конвенција за човекови права, е усвоена во 1962 години и ревидирана во 1996 година. „Република Македонија на 27 мај 2009 година ја потпиша ревидираната Европска социјална повелба, а на 6 јануари 2012 година истата ја ратификува, со што се обврза на проширување на економските и социјалните права на своите граѓани, прифаќајќи 63 од вкупно 98 одредби од Повелбата“, пишува на интернет-страницата на Министерството за труд и социјална политика.
Коцевски зборуваше и за можноста странци да работат на изградбата на автопатите што е предвидено со специјалниот закон од 2021 година.
„Без интервенција во Законот за странци не постои правна можност за такво нешто. Како и на кој начин се планира да се изведе сето ова, не е јасно, особено што се уште немаме стратегија за миграции, не сме потписничка на Конвенцијата за правата на мигрантите, така што, се прави интервенција во нешто што може да предизвика значителни проблеми понатаму“,
рече тој.