Инаку, осомничениот во моментов е во бегство и е недостапен за органите на прогонот. Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог на 44-годишниот скопјанец да му биде одредена мерка притвор, која доколку биде прифатена, ќе почне да се спроведува откако ќе биде пронајден и уапсен од органите на прогонот
Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување на истражна постапка против 44-годишниот скопјанец осомничен за убиството кое на 31 март се случи во казино во населбата Тафталиџе.

Како што соопштија попладнево од Јавното обвинителство, осомничениот се товари за кривичното дело убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик, за што е предвидена казна затвор од најмалку пет години.
Истрагата против скопјанецот со иницијали Џ. С. е отворена откако вчера Министерството за внатрешни работи соопшти дека поднело кривична пријава против осомничениот до надлежното јавно обвинителство.
Жртва во крвавиот инцидент, како што информира претходно Министерството за внатрешни работи, е 46-годишниот Н. А. од Арачиново.
Во соопштението на Обвинителството се два и краток опис на околностите во кои се случило убиството во казиното на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Како што информираат оттаму, осомничениот скопјанец го застрелал и усмртил арачиновецот откако успеал да му го одземе пиштолот што го носел во појасот. На пукањето му претходела вербална расправија меѓу двајцата.
„Осомничениот, жртвата и уште две лица заедно дошле во казиното и играле на покер-апаратите. Помеѓу осомничениот и оштетениот дошло до вербална расправија и започнале да се туркаат, по што осомничениот успеал да го земе пиштолот што оштетениот го носел во појасот и пукал неколку пати во него. Потоа повеќе пати со рачката од пиштолот го удрил оштетениот во пределот на главата и избегал“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Инаку, осомничениот во моментов е во бегство и е недостапен за органите на прогонот.
Надлежниот јавен обвинител, како што се наведува во соопштението, до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог на 44-годишниот скопјанец да му биде одредена мерка притвор.
„Бидејќи тој во моментот е недостапен на органите на прогонот, доколку биде прифатен предлогот на обвинителот, мерката ќе започне да се извршува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода“,
велат од Јавното обвинителство.