Кога ќе завршат инспекциите, ќе има извештај и јавно ќе биде објавено кој прекршил одредено право што го имал како обврска за да плати данок, најави вицепремиерот

Финансискиот криминал не застарува и ќе се гонат сите оние што биле соучесници. Ова денеска го најави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи одговарајќи на новинарско прашање дали знае од кога траат малверазциите со даночно затајување и дали ќе се гонат само трговците или, пак, и оние што се на раководни функции и кои ги потпишале документите.
„Оваа влада е неприкосновена во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Со еден организиран начин на Царинската управа, Управата за јавни приходи и на Државната пазарна инспекција конечно ќе се справат со еден феномен кој дојде откако дојдовме до одлука за замрзнување на цените. Но, ако се увиди дека овој феномен е присутен не само на Кванташкиот пазар, туку насекаде низ државата во подолг временски период институциите може да се вратат наназад со контролите онолку колку што е потребно. Финансискиот криминал не застарува и ќе се гонат сите оние кои биле соучесници со истото“,
рече Битиќи.
Тој најави дека кога ќе завршат инспекциите ќе има извештај и јавно ќе биде објавено кој прекршил одредено право кое го имал како обврска за да плати данок.
„Секако, потоа ќе се постапи соодветно дали е тоа со парична или кривична одговорност“,
додаде Битиќи.
Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Финансиската полиција изминатите денови се на терен на територијата на цела држава и вршат контрола на увозниците на зеленчук и овошје.
Со контролата на ДПИ се опфатени увозници на зеленчук и овошје во Скопје, а влезено беше и на Кванташкиот пазар. Исто така, се вршеа надзори и кај увозниците на големо во Струмица, Дебар и во други градови, информираат од Инспекторатот.
Контролите доаѓаат откако минатата недела Владата донесе одлука трговците и увозниците кои продаваат овошје и зеленчук да прибавуваат и да продаваат 70 отсто од количествата што ги продавале во јануари и во февруари. Исто така, како што најави министерот за економија Крешник Бектеши, согласно сите податоци, утврдиле дека повеќето од увозниците во последните месеци давале едни фактури во Царината, а други биле фактурите со кои ги купувале производите во државите од регионот. Тие сакале да избегнат царински давачки и затоа Царинската управа добила задача да направи детални контроли и да ги споредат со нивните колеги од другите држави.
Во однос на евентуалните двојни фактури од увозниците, министерот ги потсети дека затајување данок над 10 000 евра е кривично дело и тој очекува дека Царинската управа докрај ќе постапи согласно нејзините надлежности.