Двете клучни работи што Европската комисија ги очекува од македонското Собрание на патот на земјава кон ЕУ се првенствено дијалог/конзесус за уставните измени, а потоа и запирање на (зло)употребата на т.н. европско знаменце при носењето закони и блокадите заради блокади со илјадници амандмани
Власта и опозицијата дебатираат за измена на собранискиот деловник во рамките на процесот „Жан Моне“, што ќе го опфати и носењето закони со европско знаменце, иако се уште нема конечно решение. За многу поважните уставни измени, засега нема сигнали ни за дијалог, а не пак за консензус
На патот на земјава кон Европската Унија, Жозеп Борел и Оливер Вархеји беа првите во серијата високи европски гости што периодов го изодеа црвениот тепих пред Владата.
„По јулскиот договор, тоа е најдобриот договор што ќе го добиете и не е реалистично да се верува дека тој може повторно да се отвори за нови преговори“,
порача Борел на 17 март 2023.

Една недела подоцна дојде и шефицата на дипломатијата на најмоќната членка на ЕУ – Германија. Не само на премиерот Димитар Ковачевски, туку Аналена Бербок лично му ги пренесе пораките и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Следниот гостин, австрискиот претседател Ван дер Белен пренесе порака и до институцијата од која најмногу зависи дали и кога ќе продолжи европскиот пат на Северна Македонија.
„Брз процес на интеграција бара функционален парламент, но и национална согласност во интерес на заедничките стратешки цели“
рече Ван дер Белен пред пратениците на 29 март 2023.
Пратениците од власта и од опозицијата заедно слушнаа слични пораки и од хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, како и од другите високи гости од Европа. Но, дали имаат намера и да ги послушаат? Задачата е јасна – да се отвори Уставот за во него да влезат и Бугарите, како што е предвидено во преговарачката рамка со ЕУ.

Консензус – што беше тоа?
Доцна е да се зборува за уставни измени како прашање за национален консензус – предвремени парламентарни избори се приоритет, вели координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
„Последниот извештај за човековите права на Стејт Департмент нотира сериозна корупција во власта, отсуство на судска независнот, напади врз новинари. Неказнивоста и дискриминацијата се бенчмаркови, односно симбол на оваа влада. Кога ќе го отстраниме тоа, тогаш ќе може да разговараме за сите овие постапки“
вели координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Без барем делумна поддршка од ВМРО-ДПМНЕ не може да се стигне до потребните 80 пратеници за измени на Уставот. Но, ова не е единствената партија што става поголема тежина на прашањето – каде е напредокот на другите теми?
„Во моментов, нема широк консензус за тоа како треба да се оди по овој пат, како да се воведат уставни измени и да се смени ова прашање, но Владата не направи ништо во многу други области каде што имаше можност и нема пречки од источниот сосед, нема пречки од никој друг, туку едноставно не успева во сопствените политики да ги реализира тие програмски определби што ги има во себе“
оценува Фадил Зендели, пратеник од Беса.

Владејачкиот СДСМ не губи надеж дека дијалогот во Собранието ќе профункционира, дека опозицијата ќе се вразуми и дека уставните измени ќе се случат. Но, како?
„Не е лесно, секако. Наративот којшто опозицијата го даде по ова прашање, особено кон францускиот предлог, кој е, всушност, европска преговарачка рамка за Македонија сега, тој наратив беше прилично многу остар и на моменти многу националистички. Сега мислам клучниот проблем е како да се излезе од тој наратив“
тврди Снежана Калеска-Ванчева, пратеничка од СДСМ.

Од Алијанса за Албанците, партија која неодамна стана дел од владејачкото мнозинство, велат дека токму тие се пример за надминување на партиските интереси кога е во прашање европскиот пат на земјава.
„Значи, не ја искористивме шансата 2008 г., па потоа изгубивме 10 години, а сега може и повеќе да изгубиме. Случувањата во светот не даваат гаранции за сигурноста на иднината. Заради овој факт, ние решивме да станеме дел од власта, без оглед на поларизациите, ние сме биле свесни да донесеме важна улога во еден важен момент, што сметаме дека е многу важно за судбината и иднината на државата“
вели Халил Снопче, пратеник од Алијанса за Албанците.

Каков е ставот на пратеничката група на ДУИ и на претседателот на Собранието, Талат Џафери, сега откако клучот е во законодавниот дом, не добивме шанса да добиеме одговор.
ЕУ бара дијалог
И без нив и без посетите и пораките на високите гости од ЕУ, домашната работа за Собранието е напишана во последниот извештај на Европската комисија.
„Собранието треба да има активна и позитивна улога во процесот на пристапни преговори за влез во ЕУ. Потребни се заеднички и брзи напори од сите страни како прашање на приоритет за зајакнување на улогата на Собранието како форум за конструктивен политички дијалог, особено за реформската агенда на ЕУ. Собранието и Владата се обврзаа приоритетно да ги започнат и постигнат релевантните уставни измени, со цел во Уставот да се вметнат граѓаните што живеат во границите на државата“
пишува во извештајот на Европската комисија.
Но, наместо компромис – конфликт е зборот што почесто се слуша во законодавниот дом.
Уставните измени не се единствена задача за Собранието на патот кон ЕУ. Насилството на седницата на Комисијата за европски прашања од 27 јуни 2022 година не беше без позадина.

На дневен ред беа измени на Законот за работни односи, кои се носеа со европско знаменце и по скратена постапка. Целта беше да се продолжи работниот стаж на 60 судии и 13 обвинители кои беа пред пензија, а немаше директна замена за нив.
„Проблемот со недостаток на судии, ВМРО-ДПМНЕ не сака да се реши само за да се намали ефикасноста на судскиот систем, во надеж дека тоа ќе значи забавување на предметите кои директно водат до белиот дворец“
рече пратеничката од СДСМ, Санела Шкријељ (27 јуни 2023).
„Не може да оди со европско знаме и не може да оди по скратена постапка. Со закон за работни односи не може да регулирате пензионирање на судии и јавни обвинители“
кажа пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова (28 јуни 2023).
Тензијата од комисиските расправи се пренесе и на пленарната седница. На крај, измените не се донесоа пред рокот за пензионирање на судиите и обвинителите.
Стоп за (зло)употребата на европското знаменце
Во последните десет години години, донесени се околу 250 закони со европско знаменце. Станува збор за процедура чија цел е полесно усогласување со европското законодавство.
Ако се погледне внимателно низ годините, нема видливи разлики во употребата на оваа процедура меѓу собраниските мнозинства предводени од СДСМ од 2017 година наваму и оние претходните, предводени од ВМРО-ДПМНЕ. Помалку закони со европско знаменце има само во изборните години, кога парламентот воопшто не работел неколку месеци.

Сепак, за сегашната опозиција, „усогласувањето“ само се злоупотребува за закони што власта сака да поминат брзо.
„Законот за парнична постапка – закон од 520 члена во кој во 13 члена се спомнува ЕУ. Ново законско решение за кое е потребно време да биде разгледано. И многу други закони, како законот за Академија за судии и јавни обвинители, повторно да се затскрие и да се избега од јавноста. Ние гледаме дека проблемот е континуиран и редовно ни излегуваат скандали од таму“,
вели Мицевски.
Не е за изненудвање што пратениците од СДСМ мислат поинаку. За Снежана Калеска-Ванчева, треба да се прави дистинкција кога законот оди по скратена постапка, а кога е со европско знаменце.
„Најголемиот дел закони со европско знаменце се во редовна постапка, значи не се во скратена постапка. Но, ако погледнете во новите законски решенија или дополнувања од страна на пратеници, пратенички групи, ќе видите дека 90% од законските решенија кои ги предлага пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се по скратена постапка“,
вели Калеска-Ванчева.
Сепак, Европската комисија во извештајот, индиректно, порача дека има проблем:
„Употребата на европското знаменце треба да е доследна и поврзана со законите што главно имаат за цел да го усогласат националното законодавство со правото на ЕУ“,
пишува во извештајот на ЕК.
На намалување на бројот на закони што се носат во скратена постапка се работи во рамки на дијалогот „Жан Моне“. Власта, се чини, е подготвена да направи остапки во новиот собраниски Деловник за кој се преговара. Но, очекува и ограничување на праксата на поднесување илјадници амандмани за да се блокираат закони.

Бројот на закони донесени со европско знаменце не е спорен, вели Влора Речица, од Институтот за демократија, од каде што редовно ја мониторираат политичката дебата во Собранието. Проблематично, според Речица, е што тешко може да се утврди кога евроспкото знаменце се злоупотребува.
„Едната насока е дали законите што се за хармонизација со европската легислатива ќе влегуваат во матичните тела според темата која тие ја уредуваат? Другиот проблем е дали тие целосно ќе одат во Комисијата за европски прашања во Собранието. Наш став, како Институт, е дека е подобро законите да одат во матичните комисии според темите кои ги уредуваат затоа што и пратениците кои се во овие матични комисии имаат повеќе знаење за таа легислатива. Не можат сите закони да влезат во едно купче во една комисија, зашто не може да очекуваме дека тие десетина пратеници, членови во комисијата за европски прашања ќе знаат за што точно се работи“
потенцира Влора Речица , истражувачка во Институтот за демократија.
Но, и да се реши злоупотребата на европското знаменце, ќе остане прашањето – има ли поента усогласувањето закони акo Собранието не може да го направи првиот следен чекор на патот кон ЕУ.
„Отворањето на преговорите не е само симболичен чин, туку тоа значи дека вие преминувате во една нова оперативна состојба – дека вам ви се отвора една нова огромна можност која треба максимално да се искористи и да се создаде добар импулс. Вие чекавте многу години за да се отворат преговорите, тие сега се отворени и мислам дека е важно, не само државната администрација, новинарите, политичарите, јавноста, граѓанскиот сектор, сите да почнат да размислуваат во таа категорија“
кажа поранешниот главен преговарач на Хрватска со ЕУ, Владимир Дробњак, во интервју за „360 степени“.

На земјава ѝ преостанува околу половина година до крајот на скрининг-процесот. Штом заврши, ќе може да се отвораат суштински преговори за поединечни кластери, но само ако дотогаш се смени Уставот.
Нема да биде изненадување ако домашните институции уште неколку пати ги вадат црвените килими во следниве месеци. Речиси сигурно е, сепак, дека кој и да помине по нив, пораката ќе биде иста. Моќта нешто да се смени ја имаат само пратениците во Собранието.