На средбата која ја одржале во текот на денов, министерот за правда Кренар Лога му посочил на градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, оти иницијативата е добра и дека многу земји на сличен начин го решиле проблемот со бесправно изградените објекти
Министерот за правда Кренар Лога ја поддржа иницијативата на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, која предвидува конфискација и пренамена на дивоградбите наместо нивно уривање.
На средбата која ја одржале во текот на денов, Лога му посочил на Герасимовски оти иницијативата е добра и дека многу земји на сличен начин го решиле проблемот со бесправно изградените објекти. Како пример го навел албанскиот модел, кој, како што нагласил, лесно би можел да се примени и кај нас.
„Во Албанија постои Национален инспекторат кој секојдневно спроведува акции без дополнителни бирократски пречки, особено во крајбрежните области каде што има голем број на дивоградби. Исто така, сите оние инвеститори кои со своето градење отстапуваат од издаденото одобрение, односно цела површина која е надвор од одобрението се запленува од страна на општината, која потоа ја продава јавно по пазарна цена на квадратен метар“,
нагласил министерот за правда за време на средбата со Герасимовски.

Лога и Герасимовски нагласиле дека по однос на оваа иницијатива е неоходна и јавна дебата, а се согласиле да се формираат работни групи кои веднаш ќе започнат со прецизирање на деталите за формирање на предлог-законските измени.
„Оваа иницијатива ја поднесов и до ЗЕЛС, каде што доби поддршка и беше едногласно изгласана од Управниот одбор. Општината колку и да сака, нема доволно средства да ги отстрани сите дивоградби на нејзина територија, затоа што рушењето чини многу пари, а проблемите со објектите остануваат и понатаму. Дополнително, верувам дека ваквата измена во законите значително ќе ги обесхрабри оние кои во иднина би сакале да започнат да градат на диво не почитувајќи ги законите“,
изјавил Герасимовски на средбата со Лога.
Целта на иницијативата е конфискација и пренамена на дивоградбите наместо нивно рушење, а за тоа е потребна интервенција во два закони – Законот за постапување со бесправно изградени објекти и Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочна постапка.
Освен пред Лога, Герасимовски в понеделник треба да ја претстави својата иницијатива и пред министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, оти во Законот за постапување со бесправно изградени објекти како предлагач на законски измени се јавува Министерството за транспорт и врски.