Покана за „Фронтот за Европа“ за кој повикува Али Ахмети не сме добиле, а веројатно и да добиеме ќе мораме да дадеме негативен одговор, бидејќи фронтот кој што го предводи господинот Ахмети, а чиј најлојален поддржувач е господинот Ковачевски е антиевропскиот фронт во Македонија, смета потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ

До ВМРО-ДПМНЕ нема стигнато покана за „Фронтот за Европа“ за кој повикува Али Ахмети, а и да стигне ќе мора да биде одбиена бидејќи фронтот кој што го води Ахмети поддржан од Ковачевски е антиевропскиот фронт во Македонија кој ја остави државата без учебници, лекови и реформи и фронт кој носи регрес во општеството, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во вечерашното гостување во „Емисија 200“ на ТВ Алсат.
„Таква покана не сме добиле, а и веројатно и да добиеме ќе мораме да дадеме негативен одговор, бидејќи фронтот кој што го предводи господинот Ахмети, а чиј најлојален поддржувач е господинот Ковачевски е антиевропскиот фронт во Македонија. Фронт кој што ја остави државата без учебници, без лекови, без капитални инвестиции, без сериозни реформи во делот на правосудството, без никаков економски план во овие кризни времиња и е фронт кој што носи регрес во општеството и фронт против кој сите треба да се бориме“,
истакна Муцунски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија е подготвена да го води вистинскиот европски фронт кој што се базира на политики кои предвидуваат квалитетни мерки за граѓаните и стопанството, реформирање на образованието и напредок во здравството.
„Како политичка партија сме подготвени да го водиме вистинскиот, не лицемерниот европски фронт што се базира врз политика кој ќе предвиди економска и даночна предвидливост за нашите компании, квалитетни мерки за нашите граѓани и за малите претприемачи, кој ќе го реформира образовниот систем, ќе донесе напредок во здравството. Тоа е европскиот фронт. Бидејќи Европа е повеќе од хартија и од демагогија дека ние застапуваме одредени вредности. Европа е реформа на дело и таквиот фронт ние како политички субјект сме подготвени да го предводиме, а за ова СДСМ и за ова ДУИ тешко дека ќе се најде место во него“,
додаде Муцински.
Тој, исто така, истакна дека според сите анкети на јавното мислење станува очигледно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победник на следните парламентарни избори и новото мнозинство ќе биде формирано врз основа на принципи и програма реформи на сите суштински прашања и борба против корупцијата.
„ВМРО-ДПМНЕ е политички субјект кој што според сите анкети на јавното мислење веќе станува ноторно и очигледно дека ќе победи на следните парламентарни избори. Потоа ќе влеземе во процес на формирање на влада каде што мандатар ќе биде претседателот Мицкоски, а начинот на кој ќе биде формирано новото мнозинство е врз основа на принципи и врз основа на програма, односно борба против корупцијата и реформа на сите суштински прашања коишто се од витално значење за напредокот на Република Македонија“,
потенцираше Муцунски.
На прашањето околу уставните измени, Муцуснки рече дека тие под вакви услови во мандатот на ова собрание нема да се случат и граѓаните кои со огромна бројка го поддржуваат таквиот став, воопшто нема потреба да се грижат.
„Во моментот нема услови за такво нешто пред се заради односот на Бугарија кон Македонија“,
рече Муцунски.
Во однос на тоа дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во работните групи за уставните амандмани, Муцунски потенцираше дека одговорот на партија е јасен и дециден, и во таков процес нема да учествуваат.
„Нашиот одговор е дециден. Во таков процес ние нема да учествуваме. Што се однесува до решавање на тој проблем што ние го имавме со нашиот сосед Бугарија, уште пред да се дојде до ова решение ние понудивме да бидеме дел од процесот, експертски да влеземе, да помогнеме, да и помогнеме на нашата држава, да создадеме консензус. Но, сега кога се најде решение, без наша консултација, и да се очекува дека ние ќе го преземе товарот за одговорноста, притоа и самиот овој чекор не дава никаква предвидливост од гледна точка на тоа каков ќе биде европскиот пат на Македонија, е несериозно“,
рече Муцунски.
Според Муцунски, Македонија се соочува со голем предизвик во однос на надворешна политика, истакнувајќи дека ниту Бугарија не очекувала владата да е волку попустлива, укажувајќи дека треба државата да се консолидира внатрешно, а потоа и надворешно да се создаде план и методологија кои ќе значат вадење на Македонија од овој ќорсокак.
„Ние пред нас како држава имаме многу сериозен предизвик. Веројатно најголемиот предизвик е што и самата Бугарија не веруваше дека тоа што ќе и биде отстапено од Македонија последните 5, 6 години дека се случува. Значи и самите тие верувале до кој степен е попустлива нашата надворешна политика. И затоа што треба ние да направиме, да се солидираме внатрешно, да работиме на реформите кои што ни се потребни, да се избориме со криминал и корупција, проблеми во здравство, проблеми во образование, а во делот на надворешната политика да создадеме методологија и план како да ја извадиме Македонија од овој ќорсокак и како да носиме одлуки кои што ќе даваат предвидливост во следните 10 години“,
додаде Муцунски.
