При обиколката на маркетот, премиерот купи јајца, млеко, масло и брашно, потроши 474 денари и кажа дека од производите ќе си направи палачинки

Премиерот Димитар Ковачевски, вечерва, на својот фејсбук профил го објави видеото направено од владиниот пиар, а во кое е прикажано неговото денешно пазарење во скопски маркет. Во видеото изоставен е разговорот со незадоволната граѓанка, но затоа потребните производи за правење палачинки се прикажани.
Во описот на видеото, Ковачевски се осврнува на замрзнувањето на цените на дел од основните прехранбени производи.
„Ја намаливме и замрзнавме цената на белиот и полубелиот леб, како и на млечните производи и тестенините. Тоа го проследивме со одлука да ја замрзнеме цената на јајцата од кокошка и оризот. Овие мерки ги носиме во интерес на граѓаните и со цел да помогнеме секому. Го слушаме гласот на граѓаните и токму затоа не оставаме никој сам да се справува со светската економска криза. Сите заедно, со заеднички сили ќе ја надминеме полесно кризата. Го штитиме стандардот на граѓаните!“,
се вели во описот од Ковачевски.

Премиерот, заедно со министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски беа на пазарење, а со цел да проверат колку оризот и јајцата од кокошка се продаваат по замрзната цена. А, истото го направија и кај лебот, млечните производи и тестенините. Ковачевски и Бектеши ги видоа цените и на овошјето, зеленчукот и хигиенските производи чии цени се очекува следни да бидат замрзнати.
При обиколката на маркетот, премиерот купи јајца, млеко, масло и брашно, потроши 474 денари и кажа дека од производите ќе си направи палачинки.
