Сепак, нагласуваат дека крајната одлука по ова прашање е во рацете на Министерството за економија, а дека дотаму веќе се доставени направените анализи за цените за земјоделските произовиди
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) даде поддршка за можното замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот во периодот што следува.
Евентуалното ограничување на цените на овошјето и на зеленчукот во овој период, велат од Министерството, нема да влијае во намалувањето на откупните цени за земјоделците.
„Согласно анализите, сакаме да напоменеме дека цената на пазарот (на овошјето и на зеленчукот) е значително повисока од цената којашто ја добива самиот производител. Кај продажната цена голема улога има маржата поставена од откупувачите и трговците“,
велат од Министерството во однос на анализата на цените на земјоделските култури.

Сепак, нагласуваат дека крајната одлука по ова прашање е во рацете на Министерството за економија, а дека дотаму веќе се доставени направените анализи за цените за земјоделските произовиди.
При креирањето на мерките за поддршка на домашното производство, додаваат од МЗШВ, се следат два параметри – следењето на реалните трошоци на земјоделците при производство и следењето на цените на земјоделските производи на големо и мало. Додаваат дека цените се формираат од производствените трошоци на земјоделците и од маржата на трговците.
Минатата недела министерот за економија Крешник Бектеши порача дека се добредојдени анализите од Министерството за земјоделство во однос на цените на земјоделските култури и нивното евентуално замрзнување.
Од почетокот на годинава со владина одлука се ограничени цените на белиот и полубелиот леб, тестенините, оризот, јајцата и млечните производи: трајно кравјо млеко со 2,8, 3,2 и 3,5 отсто масленост, урда, кравјо и мешано бело сирење, кравји кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт.